Вчера, во 85-тата година од животот почина едно од најистакнатите македонски фудбалски имиња во историјата, легендата на скопски Работнички – Томче Филиповски.
Со неговото име се врзани многу успеси на популарниот клуб од Дебар Маало, притоа издвојувајќи се во сезоната 1971/72 како најдобар стрелец во Втората југословенска лига. Тој ги бранеше боите на Работнички 18 години и во овој период одигра 633 натпревари и постигна 225 голови.

Неговото име ќе биде запишано со златни букви во историјата на скопскиот клуб на кој остана верен во текот на целата фудбалска кариера. Иако имаше многу понуди, меѓу кои и од Вардар, Томче Филиповски не сакаше да го напушти клубот од Дебар Маало.
По крајот на играчката кариера беше повеќе од истакнат фудбалски работник и функционер. Меѓу другото, Филиповски беше претседател на Фудбалскиот сојуз на Југославија во периодот од 1987 до 1991 година во времето на најголемите успеси на југословенскиот фудбал. Под негово водство фудбалската селекција на Југославија учествуваше на Олимписките игри 1988 година во Сеул, а дојде и до 5. место на Светското првенство 1990 во Италија.
Погребот на Томче Филиповски ќе биде утре на Градските гробишта Бутел во Скопје, од 11:30 до 12:30 часот во капелата во Бутел.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
