ИН МЕМОРИАМ: Проф. Атанас Филиповски (1946-2020)

Македонското карате остана без едно од најпрепознатливите спортски имиња во земјава, проф. Атанас Филиповски, кој почина денеска во Скопје. Истакнат спортски работник и пријател на каратето, кој со години извршуваше значајни функции во Карате федерацијата на Македонија.

Филиповски е роден во с. Сулдурци, Радовишко, на 22. септември 1946 година. Познат во својата професија како градежен инженер, редовен професор на Градежниот факултет во Скопје од 1996 година по предмети од областа на металните конструкции и испитувањето на конструкциите, проф. д-р Атанас Филиповски магистрирал на ИЗИИС во 1978, а докторирал на Градежниот факултет во Скопје во 1988 година. Има објавено учебници по метални, челични конструкции за Градежниот и Архитектонскиот факултет, единствени во земјава, кои се користат и од специјалистите во практиката.

Во Карате федерацијата на Македонија (КФМ) беше истакнат функционер цела деценија, во кои во два мандата беше член на Извршниот одбор, од 2002 – 2004 и од 2008 – 2012 година. Во периодот од 2004 до 2008 година беше и генерален секретар на КФМ. Покрај тоа, Филиповски беше и член на Натпреварувачка комисија на КФМ, комесар на натпревари, заменик-селектор во кати и претседател на Карате клубот “Маквадо”.

Најистакната спортистка од неговиот клуб е Ивана Димитрова, членка на ката-тимот на КФМ кој го освои првиот и единствен бронзен медал екипно на Европското првенство за сениори, одржано во Тенерифе 2005 година. Исто така и Илија Димитров, долгогодишен репрезентативец во кати, учесник на повеќе европски и светски првенства.

Карате федерацијата на Македонија загуби признат спортски работник, кој како голем професионалец во својата струка, даде значаен придонес во развојот и популаризацијата на карате спортот.

Се вчитува...