Инфантино дојде неповикан, па предизвика голем бес

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, се појави на состанок на кој воопшто не беше поканет, со што ризикуваше дополнително да го разгори гневот на членовите на КОНКАКАФ. Џани Инфантино се појави на состанокот на Карипската фудбалска унија (ЦФУ) за да објави дека ФИФА ќе започне развојни проекти за регионот и ќе инвестира милиони долари, ветување дадено уште пред неколку месеци, при што на средствата се чекаше долго време.

Раководството на Карипската фудбалска унија се состана во Доминиканската Република, а бројни извори наведуваат дека членовите на КОНКАКАФ се гневни што Инфантино дошол непоканет, иако претседателот на КОНКАКАФ, Виктор Монтаљани, експлицитно го предупредил дека не е добредојден.

За Инфантино, ова очигледно беше можност да лобира за поддршка за реизбор меѓу карипските земји и да внесе раздор меѓу членовите на КОНКАКАФ, кои заедно со УЕФА и Азиската фудбалска конфедерација зазедоа многу цврст став против него и бараат негова оставка.

Во писмото испратено до Инфантино, Монтаљани побара од претседателот на ФИФА „да размисли за своето доаѓање во име на фудбалот“ и додаде дека неговото присуство ќе го одвлече вниманието од регионалниот турнир за играчи до 14 години, кој се одржуваше паралелно со состанокот.

Сепак, „во име на фудбалот“, Инфантино дојде, придружуван од бројни вработени во ФИФА, вклучително и генералниот секретар Матијас Графстром. Пред да објави дека Карипската фудбалска унија ќе ги добие средствата што ги чекаше со месеци, Инфантино и неговите соработници се обидоа да издејствуваат поддршка од бројните присутни претставници. Клучна улога во сето тоа одигра Елхан Мамадов.

Еден од изворите исто така наведе дека Мамадов се обидел целата ситуација да ја прикаже како личен конфликт меѓу Инфантино и Монтаљани, кого многу членови на ФИФА го гледаат како потенцијален противкандидат на Инфантино.

Се вчитува...