Инфантино не дава оставка, но неговиот трон се тресе

Џани Инфантино се повлече од идејата за приватизирање на комерцијалниот дел од фудбалските мундијали, но овој пропаднат проект може да му пресуди на првиот човек на ФИФА, кој сега се соочува со сериозен притисок да си замине од претседателската функција.

УЕФА веќе извесно време е во војна со Инфантино, а последните случувања само потврдија дека Швајцарецот не е вистинскиот човек за предводник на светскиот фудбал, порачуваат луѓе блиски до Александар Чеферин. Тие имаат поддршка и од федерации од Азија и од Северна и Средна Америка, па притисокот врз Инфантино расте секој нов ден.

Најбезболна опција е тој самиот да си поднесе оставка како што тоа го стори неговиот претходник Сеп Блатер во 2015, но Инфантино воопшто не размислува во тој правец. ФИФА може да побара итен состанок на Извршниот комитет ако такво нешто побараат најмалку 19 од вкупно 37-те членови. На тој состанок може да се побара повлекување на претседателот, но тој не е обврзан да го прифати тоа барање. Друга опција е да се свика Вонреден конгрес на ФИФА до крајот на годинава, за што треба да дојде иницијатива од 43 фудбалски асоцијации што е лесно остварливо ако се знае дека УЕФА самата има 55 под своја заштита и со едногласен став за смена на чело на ФИФА.

Останува да ја почекаме конечната разврска, но едно е повеќе од сигурно, светскиот фудбал го тресе сериозна криза поради претседателот на ФИФА, кој веќе има сериозни причини да стравува за својата функција.

Се вчитува...