Инфантино со „бизарно“ мито сака да го задржи Мексико на своја страна

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, се најде во центарот на нов голем скандал што би можел сериозно да ја разниша неговата позиција на чело на кровната фудбалска организација.

Според шпанските и латиноамериканските медиуми, Инфантино наводно и понудил помош на Мексиканската фудбалска федерација (ФМФ) при преминот од конфедерацијата КОНКАКАФ во јужноамериканската КОНМЕБОЛ, а за возврат побарал нивна јавна поддршка во борбата за задржување на власта.

Приказната доби на тежина откако Мексиканската федерација ја изненади јавноста на почетокот на август со одлуката да застане на страната на Инфантино. Со тоа, таа директно и се спротивстави на сопствената конфедерација КОНКАКАФ, која отворено бараше преиспитување на неговото раководење со ФИФА.

Зад тој ненадеен потег на ФМФ, според мексиканскиот весник „АС“, се крие конкретна политичка трговија. На Мексико наводно му била ветена можност за постојано учество во елитните јужноамерикански натпреварувања, како што се Копа Америка и Копа Либертадорес, што би донело огромен финансиски и натпреварувачки замав за фудбалот во таа земја.

Засега нема официјални реакции на овие обвинувања од страна на ФИФА и Мексиканската фудбалска федерација. Инфантино веќе е под силен притисок од некои од водечките конфедерации поради контроверзните деловни планови поврзани со комерцијалните права за Светското првенство, па овој случај би можел дополнително да ги загрози неговите планови за освојување нов мандат на изборниот конгрес во март.

Се вчитува...