Инфантино со радикален предлог: Автоматски пораз за клубот со навивачи расисти

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино го даде своето мислење за синоќешниот инцидент на натпреварот помеѓу Удинезе и Милан во Серија А на кој домашните навивачи расистички го навредуваа гостинскиот голман Мајк Мањан.

Со оглед на тоа што постоечките мерки не го спречија расизмот на стадионите ширум светот, првиот човек на светскиот фудбал предложи радикално решение – автоматски пораз на тимот чии навивачи расно ќе дискриминираат.

„Настаните што се случија во Удине се крајно одвратни и неприфатливи. Расизмот и другите форми на дискриминација немаат место во фудбалот или во општеството. На играчите погодени од настаните во сабота, им изразвуам целосна поддршка. Неопходно е сите засегнати страни да дејствуваат, почнувајќи од образованието во училиштата, за идните генерации да разберат дека расизмот не е дел од фудбалот и општеството.

Покрај процесот во три чекори (запирање на натпревар, повторно прекинување на натпревар, откажување на натпревар), мора да воведеме автоматски пораз за тим чии навивачи се расисти и предизвикуваат откажување на натпревар, како и забрана за расисти на стадионите ширум светот и да има кривично гонење за нив.

ФИФА и фудбалската заедница демонстрираат целосна солидарност со жртвите на расизам и каква било форма на дискриминација. Еднаш засекогаш: Не за расизмот! Не за било каква форма на дискриминација!“, стои во соопштението на Инфантино.

Се вчитува...