Инфантино свика итен состанок на ФИФА во Мароко

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, итно свика состанок со најблиските соработници и високото раководство на организацијата во Рабат, Мароко, откако се најде под силен притисок поради последните случувања во светскиот фудбал.

Според информациите, Инфантино бил принуден да реагира по жестоките критики кои следуваа по повлекувањето на планот за создавање на компанијата „FIFA Forward Enterprise“, која требаше да управува со комерцијалните и оперативните аспекти на турнирите на ФИФА.

Планот предвидуваше 20 проценти од сопственичкиот удел во компанијата да биде продаден на приватни инвеститори, но наиде на сериозно противење од страна на УЕФА, КОНКАКАФ и Азиската фудбалска конфедерација.

УЕФА дури се закани со бојкот на натпреварувањата под капата на ФИФА, вклучувајќи го и Светското првенство, доколку проектот не биде повлечен.

Притисокот врз Инфантино дополнително се зголеми по критиките од легендарниот тренер Арсен Венгер, кој денес е шеф на ФИФА за глобален развој на фудбалот. Венгер порача дека не бил вклучен во проектот и дека неговото повлекување било „апсолутно неопходно“.

Дополнително, вториот човек на ФИФА, генералниот секретар Матијас Графстром, во порака до вработените случувањата ги опиша како „тажен и за осуда низ настани“, кои за среќа завршиле со трајно напуштање на проектот.

Во меѓувреме, се поставува прашањето дали Африка и поддршката од африканските фудбалски структури ќе бидат клучни за Инфантино да ја задржи позицијата на чело на ФИФА, додека организацијата се обидува да ја смири кризата.

Се вчитува...