Инфаркт-финале: Тим по епска битка го реши Зверев

Доминик Тим е новиот шампион на УС Опен откако по повеќе од четири часа игра успеа да слави во дуелот со Александар Зверев со 3-2 во сетови. Зверев во полуфиналето се врати од 0-2 и го победи Карено Буста, но овојпат се најде во спротивната улога, одлично почна, имаше предност од 2-0 во сетови, но на крајот го загуби најважниот меч во досегашниот дел од кариерата. Успехот на Тим е уште поголем ако се знае дека Зверев во решавачкиот сет имаше водство од 5-3 и сервис, но Австриецот се врати и во своето четврто гранслем-финале стигна до првата титула на најголемите турнири.

Германскиот тенисер влезе максимално мотивирано од самиот почеток на своето прв гранслем-финале, наметнувајќи притисок за кој Тим не успеа да најде одговор. Зверев експресно го доби првиот сет со 6-2, а потоа и поведе со 5-1 во вториот сет, доминирајќи од сите аспекти на теренот во Њујорк. Австриецот само за момент се врати и намали на 5-4, но Зверев ја искристи новата сет-топка и поведе со 2-0.

Се чинеше дека работата е завршена кога германскиот ас направи брејк и поведе со 2-1 во третиот сет, но Тим веднаш возврати израмнувајќи на 2-2, најавувајќи далеку поизрамнета борба. Зверев пропушти нови брејк шанси во овој дел од мечот, по што казната стигна во десеттиот гејм, кога Тим ја искористи можноста што му се укажа и го доби сетот со 4-6, намалувајќи на 2-1. Самодовербата веќе не беше на највисоко ниво кај Германецот, а Доминик Тим го искористи тоа за да израмни на 2-2 во сетови (6-3).

Завршницата донесе вистинска драма, Тим прв направи брејк и поведе со 1-0 во решавачкиот сет. Зверев се разбуди во вистински момент, веднаш израмни на 1-1, а кога поведе со 5-3 се чинеше дека германскиот тенисер ќе стигне до трофејот. Сепак, Тим се врати, најпрвин израмни на 5-5, а потоа направи нов брејк и поведе со 6-5. Тој имаше сервис за победа, но потклекна, Зверев возврати со брејк израмнувајќи на 6-6.

Новиот шампион беше решен во тајбрејк, а Тим по огромна борба славеше со 8-6 за својот прв гранслем трофеј во кариерата.

Се вчитува...