Инсиње патува за Барселона, но Елмас ќе биде на готовс

Повредата на Лоренцо Инсиње не е од посериозен карактер и италијанскиот репрезентативец би можел да се рехабилитира навреме за настап на саботниот реванш од ЛШ против Барселона. Денешните детални лекарски прегледи донесоа добра вест за „наполитанците“, не станува збор за кинење на мускулни влакна туку само за воспаление на мускулот, за што вообичаената пауза изнесува од седум до десет дена.

Ситуацијата не е идеална бидејќи мечот со Барса следи за пет дена, но Гатузо ќе му даде шанса на својот напаѓач да се рехабилитира и да се обиде да биде „фит“ за дуелот на „Камп Ноу“. Одлуката е донесена, Инсиње ќе патува со остатокот од тимот во каталонската престолнина, а утрото на денот на натпреварот ќе му биде извршен тест за да се утврди дали ќе може да настапи против Барса.

Елиф Елмас во секој случај ќе биде „на готовс“ бидејќи македонскиот ас е една од најреалните опции за замена на Инсиње доколку капитенот не биде подготвен. На почетокот од годинава токму Елмас го менуваше Инсиње додека напаѓачот беше повреден, Гатузо беше задоволен од неговите настапи, па многу лесно може да се случи македонскиот „дијамант“ да стартува од првата минута на „Камп Ноу“.

Се вчитува...