Интер по долги напори конечно успеа да најде купец за Давиде Фратези, кој во следните 24 часа би требало да си замине од „Џузепе Меаца“. Лацио ќе биде новиот клуб на овој италијански репрезентативец, откако римјаните најдоа заеднички јазик со „нероаѕурите“, договарајќи ги сите детали од овој трансфер.
Фратези не криеше дека е незадоволен од минималната минутажа што ја добиваше од Киву минатата сезона, уште помала од онаа што претходно ја имаше кај Симоне Инзаги. Тој побара да си замине, Интер даде зелено светло, но заинтересираните клубови по првичните разговори воопшто не се враќаа со официјална понуда.
Овојпат ситуацијата е поинаква, Интер се согласи на позајмица вредна еден милион евра, но со клаузула за откуп од дополнителни 14 милиони евра следното лето, плус процент од следниот трансфер на Фратези. Оваа клаузула ќе стане задолжителна доколку римскиот клуб заврши до 12. место на калчолигашката табела, што е сосема извесно, па се чини дека двете страни можат да бидат задоволни од постигнатиот договор.
По официјализацијата на овој трансфер се очекува италијанскиот првак да се врати на пазарот во обид да доведе нов играч за врска, со Куртис Џонс од Ливерпул како омилена варијанта на тренерот Киву. „Црвените“ веќе одбија три понуди на Интер инсистирајќи на 40 милиони евра отштета, па останува да се види дали „нероаѕурите“ ќе платат толкава сума за да го доведат овој фудбалер на „Џузепе Меаца“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
