Интер „краде“ од Јувентус: По Марота, следи Алегри?

Интер со години не може да го стигне Јувентус во италијанскиот фудбал, па „нероаѕурите“ решија да почнат со ангажман на луѓето кои се меѓу најзалужните за доминацијата на „старата дама“. Неодамна беше ангажиран директорот Џузепе Марота, кој ќе раководи со сите трансфери на Интер во наредниот период, а според последните информации следна желба на Интер е да го доведе и тренерот на Јуве, Масимилијано Алегри.

Овој стратег е подготвен да си замине од Јувентус на крајот од сезонава, во потрага по нови предизвици во кариерата. Како можна опција се споменуваше Реал Мадрид, но Интер е решен да го доведе Алегри на „Џузепе Меаца“, а за свој адут во оваа трка го има токму Марота. Директорот на „нероаѕурите“ имаше беспрекорна соработка со Алегри додека беше во Јувентус, што им дава оптимизам на челниците на клубот дека можат да го победат Реал Мадрид во оваа трка.

Алегри би добил тригодишен договор за плата од над осум милиони евра (повеќе од она што моментно го заработува во Јувентус), но би имал на располагање и околу 200 милиони евра за нови играчи. Половина од оваа сума би требало да биде обезбедена од продажбата на Икарди, а ако се знае дека своето заминување го најави и Перишиќ јасно е дека приоритет на новиот тренер на Интер ќе биде ремонт на навалната линија.

Се вчитува...