Интер веќе подготви 35 милиони евра за Македонецот Кулушевски

Челниците на Интер се одлучни во јануарскиот преоден рок да го доведат Македонецот кој одлучи да игра за репрезентацијата на Шведска, Дејан Кулушевски.

Како што пренесуваат италијанските медиуми, младиот Кулушевски е прв на листата на желби на Антонио Конте, па од Интер се подготвени да направат се за од следната година да го облече сино-црниот дрес. Интер веќе подготвил понуда од 35 милиони евра на која се согласила и Аталанта. Но, за да се реализира трансферот неопходно е Парма, каде во моментов е на позајмица, да се согласи да замине среде сезона.

Засега, според последните информации, од Парма не сакаат да слушнат за ослободување пред јуни следната година. Кулушевски сезонава за Парма запиша 13 настапи постигнувајќи три гола, а дополнети и со дури пет асистенции.

И покрај тоа што Дејан Кулушевски, кој е по потекло од Охрид, имаше настапи за младите репрезентации на Македонија до 17 години, сепак одлучи во иднина да го носи сениорскиот дрес на Шведска, земјата во која е роден. Веќе и го запиша првиот настап во сениорската репрезентација на Шведска.

Се вчитува...