ИНТЕРЕСНО ВО НБА: Богдановиќ се сели во ЛА Клиперс, Мициќ трејдуван за Нуркиќ

Атланта Хокс го испрати српскиот репрезентативец Богдан Богдановиќ и три пика од втората рунда во Лос Анџелес Клиперс за Теренс Ман и Бонс Хајланд. Низ „бурните“ последни часови од преодниот рок во НБА, Василије Мициќ е трејдуван во Феникс Санс, а Јусуф Нуркиќ во замена замина во Шарлот Хорнетс.

За 32-годишниот Богдановиќ ова ќе биде трет НБА тим во кариерата, бидејќи пред Атланта настапуваше и за Сакраменто Кингс.

Последниот натпревар за Атланта го одгигра на 26 јануари и се очекуваше да биде трејдуван веќе подолго време. Атланта се ослободи и од крилото Деандре Хантер, кој замина во Кливленд.

Богдановиќ сега треба да им помогне на Клиперси во плеј-офот, а се очекува тој да биде еден од најважните играчи на тимот, заедно со Џејмс Харден и Кави Ленард.

Богдановиќ има договор од 16 милиони долари годишно до јуни 2026 година, со опција за уште една сезона потоа.

Феникс, пак, го испрати Јусуф Нуркиќ и пик од првата рунда во 2026 година во Шарлот, а за возврат ги доби Мициќ, Коди Мартин и пик од втората рунда во 2026 година.

За 31-годишниот Мициќ ова ќе биде трет НБА тим во кариерата, откако претходно настапуваше и за Оклахома. Оваа сезона имаше просек од 7,5 поени и 3,5 асистенции по натпревар, а најдобрата партија ја имаше неодамна против Клиперс, кога имаше 20 поени и четири асистенции.

Нуркиќ има сезона за заборав, во која бележеше само 8,6 поени и 9,2 скока по натпревар, со само 45 проценти шут од поле, речиси најлошо во неговата кариера.

Феникс сакаше да се ослободи од Нуркиќ и неговиот договор, па мораше да плати со пик од првиот круг, а впечатокот е дека трејдот е направен за Коди Мартин.

Се вчитува...