ИНТЕРВЈУ Борко Ристовски: Можеме да сме први во групата – со многу борба и без преценување на ривалите

Со години наназад е прв голман на македонската репрезентација, улога што ќе ја има и на претстојното Европско Првенство. Борко Ристовски е реален како и секогаш, порачува дека не треба да се брка пласман, туку да се настојува да се игра што подобро, но истовремено и да им се даде поддршка на помладите на ова натпреварување.

Воедно, тој ја поддржува идејата на селекторот Брестовац најдобрите ракометари да одржат заеднички подготовки од само една седмица пред стартот на ЕП.

„Мислам дека подготовките се доволно кратки и доволно долги за едно големо натпреварување. Ова го велам од психолошки аспект, бидејќи верувајте дека не е лесно за новогодишните и божиќните празници да се биде разделен од вашто семејство. Затоа, кога се ќе се собере и одземе мислам дека овие подготовки се доволни бидејќи ние не сме нови на големите натпреварувања, горе-доле повеќето се познаваме и освен мали тактички подобрувања и финеси не може да се промени премногу“ – вели Ристовски на почетокот од разговорот за ЕКИПА.

Пред секое големо натпреварување се изјавува дека е време младите да преземат дел од товарот, но Ристовски потенцира дека за тоа треба да им се даде поддршка, а не да се врши притисок врз нив.

„Помладите ракометари веќе почнуваат да разбираат дека нивната улога во репрезентацијата е сериозна и дека секој треба да си го понесе својот дел од одговорноста на овој европски шампионат. Тоа не значи дека треба да се прави којзнае каков притисок, за да не се случи да ги загубиме во таа желба да се покажат во што подобро светло. Треба да им се даде поддршка и простор, за да и кога ќе погрешат, да не го почувствуваат тоа како нешто трагично“.

Според искусниот чувар на мрежата, напредокот во националниот тим е се позабележителен со секое следно поголемо натпреварување.

„Мислам дека на секое наредно големо натпреварување има напредок. Ова го велам најмногу од причина што помладите влегуваат со искуство повеќе, веќе знаат што значи европско или светско првенство и им помагаат на поискусните. Затоа и очекувам нашата игра на ова ЕП да биде подобра околку на последното СП“.

Групата воопшто не е атрактивна, но тој предупредува дека ќе мора да се остане максимално фокусиран ако се сака да се оствари зацртаната цел.

Се работи за доста незгодна група, иако на прв поглед не делува така. Мислам дека ако ја тргнеме на страна Украина, останатите три селекции се релативно израмнети. Можеби ние сме со блага предност, но сепак ќе гледаме доста израмнети натпревари во кои се надевам дека на крајот ние ќе бидеме поуспешни“.

Ристовски како и пред сите големи натпреварувања, одбива да даде поконкретна прогноза за конечниот пласман на „црвено-жолтите“.

„Јас никогаш не сакам да зборувам пласман. Мислам дека нашите цели треба да се базираат на реална проценка на квалитетот што го поседуваме. Согласно тоа, мислам дека имаме шанси не само да се пласираме во следната фаза, туку и да бидеме први во групата, но само доколку покеме игра со многу борба и без преценување“.

Битката за медали ќе биде жестока, но Борко има свој фаворит за златниот медал.

„Ракометот во денешно време толку многу се изедначи што просто не можете во ништо да бидете сигурни. Има многу силни селекции, но мој фаворит е Франција. Се разбира, покрај Македонија“ – прогнозира за крај Борко Ристовски.

Се вчитува...