ИНТЕРВЈУ – Димитар Митревски: Еурофарм Пелистер ќе биде уште посилен, правиме стабилен клуб за долги патеки

ЕКИПА по повод десетгодишнината од постоењето доделува и низа благодарници до оние кои несебично вложуваат во развој на македонскиот спорт. Една од најактивните компании на ова поле, пред се кога станува збор за ракометот е битолскиот фармацевски гигант Еурофарм, кој стои зад амбициозниот проект Еурофарм Пелистер, клуб што расте од година во година и не само што бележи добри резултати на домашната сцена, туку игра се подобро и во Лигата на Европа на ЕХФ.

Тоа беше повод за разговор со директорот на битолскиот суперлигаш, Димитар Митревски, кој отворено говори за сработеното во изминатиот период, како и за амбициите на клубот во годините што следат.

„Еурофарм минатата година прослави 20 години од своето постоење, а како општествено одговорна компанија подолг период инвестира и во спортот. Љубовта кон ракометот е наследена, од фамилијарен аспект, таа е долготрајна, па и во оваа понова историја, под водство на Еурофарм како компанија се наближува до десетта година од инвестирањето во ракометниот спорт. Со платформата потпишана со општина Битола вложувањата станаа многу посериозни, морам да напоменам дека Еурофарм како компанија е столб на целиот тој проект, успева секоја година да го зголемува буџетот и е гарант за стабилност на клубот, која значи во денешно време, пред се при носењето на нови ракометари. Се што како управа имаме ветено во овие изминати години е испочитувано. Сепак, би сакал да напоменам дека 90% од финансиите кои се надвор од ваучер-системот се преку Еурофарм, што тешко за создавање на сериозен буџет за настап во Лигата на Шампионите“, го почнува Митревски интервјуто за ЕКИПА.

Амбициите, како и вложувањата, сериозно се зголемија со потпишувањето на „платформата“ меѓу Општина Битола и компанијата Еурофарм, а развојот на клубот е и повеќе од очигледен.

„Мислам дека дури некогаш и не сме свесни колку брзо во позитивна насока се движат работите, особено во Европа каде сме еден многу интересен, симпатичен тим каде минавме нокаут фаза, играме добар ракомет против сите ривали. По олабавувањето на мерките сега во целиот проект се ужива уште повеќе со враќањето на навивачите на трибините. Секако, дел од платформата беше и нашата втора екипа, каде исто така многу добро се работи и допрва ги очекуваме плодовите од таа работа. Она што за нас е многу важно, ние сме блиску до Вардар, како што никогаш не сме биле блиску во последните петнаесетина години, имаме одличен спој на млади играчи, доаѓаат странци кои сакаат докажување и сето тоа прави спој за една успешна приказна во ракометна Битола“.

Сите сакаат што повеќе квалитетни имиња во таборот на „битолските фармацевти“, но на водечките луѓе во клубот не им е нималку лесно да успеат да осигураат потпис на врвни ракометари.

„Секако дека е тешко да се доведе врвен играч како Мандалиниќ, или други играчи кои ги доведовме од Бундес-лигата. Тешко е бидејќи обично тука главна пречка е реалноста во Битола, тука пред се мислам на инфраструктурата, на далечината или конкретно за Хендави, кој си замина меѓу другото бидејќи немавме училиште на англиски јазик за неговите деца. Сепак, имаме и бројни позитивни страни, главна „мамка“ за доведување на нови играчи е настапот во Европа, тие доаѓаат во Еурофарм Пелистер за да докажат на европската сцена и да продолжат понатаму. Сигурно, од огромно значење е и тренерот, за кого тие веруваат дека може да им даде дополнителна вредност. Колку ни значи Европа би кажал и преку примерот на Ловро Јотиќ, кого го баравме, тој не сакаше да потпише за нас, но кога ја добивме вајлд-картата за ЛШ тој веднаш се премисли и дојде во Еурофарм“, вели Димитар Митревски.

Огромен „плус“ во целокупниот ракометен проект на Еурофарм Пелистер е втората екипа, единствена што сезонава на домашната сцена го совлада шампионот Вардар. Со добрите игри за вториот тим, дел од клучните играчи веќе се погласно „тропаат“ на вратата на првата екипа.

„Дојден е моментот кога младите играчи преку Супер-лигата созреваат и дел од нив се спремни за еден чекор понапред – тоа е преселба во првиот тим и настап во Европа. Ние како управата сме презадоволни од она што го покажува втората екипа, впрочем тоа беше и дел од целокупниот концепт, кога се брка резултат тешко е да се даде шанса на младите да „грешат“ и да добиваат искуство. Затоа е многу важно што имаме добар тренер кој квалитетно работи со младите во вториот тим, кревајќи го нивниот квалитет. Факт е дека сме млада, симпатична екипа, оваа година ќе обезбедат и влез во плејофот во една силна конкуренција, направија огромно изненадување со победата над Вардар, тоа се момци кои сакат ракомет, кои се борат максимално од првата до последната минута. Основата на клубот е таа, мора да се има база од квалитетни домашни играчи кои би играле на високо ниво бидејќи странците доаѓаат и си одат, но ние мораме да имаме некоја македонска база на ракометари. Имаме и следна генерација на млади играчи, кога овие сегашните од Еурофарм Пелистер 2 ќе се преселат во првиот тим, ракометари кои ќе влезат во сериозен тренажен процес и од рани нозе ќе навлезат во професионалниот ракомет, со што ќе се создаде таа база на домашни ракометари што сите во клубот ја посакуваме, „базен“, од каде ќе црпиме талент“.

Еден од главните проблеми за битолскиот спорт е ладната сала, проблем што се очекува да биде конечно разрешен, а исто така направен е и значаен чекор напред за изградба на нова спортска сала во „градот на конзулите“.

„Имаме позитивни сигнали од Општина Битола на оваа тема, најави за изградба на нова сала. Се уште не ги знам деталите околу капацитетот на таа сала, но најавена е, јас искрено се надевам дека тоа ќе се оствари бидејќи инфраструктурата ни е еден од најголемите проблеми и во ангажманот на нови играчи, како и во самата организација на натпреварите. Исто така, има позитивно поместување околу решавањето на проблемот со затоплувањето на „Боро Чурлевски“, мислам дека со тоа ќе се реализира една голема работа и ќе продолжиме понатаму на едно уште повисоко ниво“, задоволен е директорот на Еурофарм Пелистер.

Тој се осврна и на последното дерби со Вардар, на кое победа ќе значеше и огромен чекор напред кон титулата на домашната сцена, а на кое бодовите им се „лизнаа“ на битолчани буквално во последните секунди од мечот.

„Имаше бројни фактори поради кои не успеавме да славиме на тоа големо дерби, со кое ќе бевме пред Вардар во пресрет на плејофот. Можеби дел од играчите и изгореа во преголемата желба, но не смееме да заборавиме дека искуството е на страната на Вардар, тие играчи имаат одиграно бројни вакви натпревари „да се биде или не“ и знаеја што е потребно за да се стигне до посакуваниот резултат. Она што мене ме радува е што се врати убавината,  што се врати оној „драж“од минатото, дерби што се решава во последните секунди, навивачи на трибините, тоа само по себе е успех и е за поздравување. Тоа што одиме чекор по чекор, што сме толку блиску до Вардар, е доказ дека работиме правилно. Сигурно не смееме да дозволиме огромно разочарување поради таа една топка, еден натпревар, еден загубен трофеј, бидејќи јас ова го гледам како маратон во кој ќе бидеме дел уште долги години, во кои ќе имаме уште бројни интересни средби, што ќе завршат со наша радост. Како и да е, ништо не е завршено ниту сезонава, пред нас се уште две средби со Вардар во плејофот, ние сигурно нема предвреме да се откажеме“.

Воедно, тој ги потврди информациите дека четири ракометари на Еурофарм Пелистер, и тоа клучни играчи како Периќ, Секељи, Мараш и Обрадовиќ. Сепак, Митревски е оптимист дека ќе бидат донесени квалитетни замени и дека Еурофарм Пелистер во следната сезона ќе биде уште посилен.

„Реално, ќе се направи реконструкција на тимот. Реално, тешко е да се задржат играчи во Битола на рок подолг од две години. Ние како управа сме подготвени во моментов, ќе бидеме подготвени и во иднина. Носиме квалитетни засилувања, тие преку игрите за Еурофарм Пелистер си ја креваат цената, па потоа добиваат понуди од клубови со буџети три или четири пати повисоки од нашиот. Можам да потврдам дека е вистина дека четири наши ракометари ќе го напуштат Еурофарм Пелистер летово и ќе се преселат во Татабања. Овој клуб почнува сериозен проект со нов моќен спонзор и ќе ги доведе тие четири наши ракометари во своите редови во текот на летово. Веќе е потврдено и заминувањето на Табоада, но ние работиме напорно, преговараме, блиску сме до потписи со нови засилувања, ќе се префрлат и играчи од втората екипа, она што можам да го кажам е дека во ништо нема да бидеме послаби во однос на овој играчки ростер. Напротив, верувам дека тимот ќе биде на уште повисоко ниво и тој природен процес на промена и реконструкција ќе го минеме безболно“.

Севкупно гледано, Митревски е полн со оптимизам дека квалитетната работа ќе ги даде посакуваните резултати на подолг рок.

„Ние работиме многу на работите кои за многумина се споредни, но во суштина се многу важни. Би споменал дека многу инвестиравме во медицина за рекуперација на играчите, клупски канцеларии, брендиран автобус… сето она што го прави еден клуб да биде европски. Не е секогаш единствено мерило само резултатот на терен, затоа наше е да продолжиме да работиме, да одиме напред во секој поглед, а резултатите и трофеите ќе стигнат“, оптимист е во визијата за иднината директорот на Еурофарм Пелистер.

Се вчитува...