ИНТЕРВЈУ Мартин Јовановски: КК Пелистер е фактор во мак-баскетот, Битола ќе биде регионален центар

Кошаркарскиот клуб Пелистер и оваа сезона е доминантен во првиот дел од прволигашката сезона, каде битолчани се уште не знаат за пораз во елитното друштво. Клубот се соочи со сериозна криза по заминувањето на управата која остави сериозен долг кон играчите и стручниот штаб, но новите челници успеаја да ја стабилизираат состојбата и да го постават клубот на здрави основи, како за оваа сезона, така и за во иднина.

Мартин Јовановски е новиот директор на битолскиот прволигаш, кој со оптимизам гледа на иднината и развојот на „пелистерци“ во периодот што следи.

„Љубовта кон кошарата ја имам уште од моите најрани години бидејќи бев активен младинските битолски клубови, а имав и неколку настапи за младинските репрезентативни селекции. По мојата 18. година продолжувам на Фармацевскиот факултет каде што го завршувам моето високо образование, меѓутоа желбата и љубовта кон кошарката продолжуваат. Можноста да сега бидам на позицијата спортски директор во клубот е еден простор кој со моите замисли сакам да се обидам да создадам еден поинаков пристап кон спортот кошарка во градот Битола од сениорски до најмлади категории. Се надевам дека јас и мојот тим на соработници ќе успееме во тоа. Општината и спортската јавност во Битола ми ја дадоа доверба и јас со цел мој капацитет максимално ќе се вложам да ги реализирам моите замисли“, го почнува Јовановски разговорот за ЕКИПА.

Новиот директор се осврна и на периодот во изминатите месеци, изразувајќи благодарност до играчите, тренерот, но и до новите градски власти во Битола.

„Клубот во изминатиот период се наоѓаше во една деликатна и турбулентна состојба. Морам да ја потенцирам заслугата на тренерот Марјан Илиевски бидејќи тој беше оној што успеа да ги држи конците во своите раце, да ја одржи атмосферата и да им даде надеж и мотив на играчите максимално професионално да ги извршуваат своите обврски. Сакам јавно да им се заблагодарам и на играчите и на стручниот штаб, се разбуди човечноста во нив, можеа да ги активираат клаузулите и да си заминат барајќи си ги парите, со штоќе направеа огромна штета кон кошарката во Пелитер. Тука тие ја покажаа својата големина, веруваа во Градот Битола, сега е време ние да веруваме во нив и да им ја дадеме максималната поддршка. Сакам да ја потенцирам и поддршката од Градоначалникот Тони Коњановски и од оптшинскиот секретар Борче Илиевски, кои цврсто застанаа зад проектот КК Пелистер и благодарение на нивната желба во Битола да има кошарка ние продолжуваме понатаму се со цел да развиеме уште поквалитетен кошаркарски клуб. Во моментите кога неивесноста беше најголема тие дојдоа на тренинг, ветија дека состојбата ќе се стабилизира и го исполнија тоа ветување“.

Новата управа пред себе постави неколку цели од кои една, како враќањето на навивачите на трибините, веќе е исполнета.

„Првичната цел е целосна стабилизација на клубот. Многу ми е мило што по подолг период КК Пелистер е фактор во кошарката во Македонија и тоа планираме да продолжи. Втора цел е да ја донесеме публиката во што поголем број,да ги повикаме „Чкембарите“ да бидат шести играч. Онаа трета цел што ја имаме поставено е стабилизацијата на сениорскиот тим да биде двигател на младите во Битола, да се повеќе сакаат и се запишуваат во кошаркарските школи и да создадеме сериозни младински селекции кои исто така ќе бидат фактор во младинските натпреварувања, но и од нив би добивале членови на сениорскиот тим на КК Пелистер, зошто да не и идни репрезентативци на Македонија“.

Многу важна алка во целиот проект на КК Пелистер е тренерот Марјан Илиевски, за кого ќе се направат напори во најскоро време да потпише нов долгогодишен договор.

„Соработката со Марјан Илиевски е на највисоко можно ниво. Како што реков, тој е една од главните причини што во изминатите две години КК Пелистер е значителен фактор во Македонија. Наша желба е соработката да продолжи на долгорочен план, засега не би откривал детали, но очекувам набрзо да имаме конкретна потврда за сериозноста како нова управа и амбициите на периодот што следи“.

Според Јовановски, старата управа избрзала со одлуката да се биде дел од АБА2, што за клуб како Пелистер значел прескокнување на неколку скалила во неговиот развој.

„Јас и претходно имам кажано дека моето мислење како спортски директор е дека АБА2 е голем залак за КК Пелистер и скокање на неколку скалила. Ние како нова управа ќе направиме се за достојно да го претставиме клубот, градот, како и целокупната македонска кошарка во ова натпреварување. Секако, наша желба е и следната година овој клуб да го гледаме во АБА2. Оваа година регионалната лига ни донесе голем замор и трошење на играчите, тоа го видовме и на последниот пораз од ТФТ во Купот на Македонија, но одиме понатаму, пред нас е уште еден балон, максимално ќе се посветиме и се надевам дека и во следната сезона КК Пелистер ќе биде дел од ова натпреварување“.

Новиот директор на „пелистерци“ ги обелодени и долгорочните цели што тој и новите членови на управата ги имаат зацртано.

„Веќе реков, мене ми е многу мило што Пелистер е фактор на македонската кошаркарска сцена. Она што како управа го имаме зацртано како амбиција за периодот што следи е сениорскиот тим на КК Пелистер резултатски да остане на највисоко ниво во првенството, да учествуваме во едно или две меѓународни натпреварувања и со популаризација на клубот да се создава се поголема желба меѓу младите во Битола да се занимаваат со кошарка. Сакаме клубот да биде максимално стабилен на секое можно ниво, организациски, играчки и просторно. Онаа поширока визија е ставање на акцент на младите категории, создавање на сериозен развоен центар за млади играчи, исто така да создадеме и тренерска школа, за КК Пелистер во иднина да создава не само млади и квалитетни кошаркари, туку и кошаркарски тренери. Накратко речено – Битола да стане регионален кошаркарски центар во кој би се создавале нови кошаркари кои би настапувале во македонските прволигаши, а би биле доволно квалитетни и за трансфери во странство и за настапи за нашата репрезентација. Се надевам дека федерацијата сето ова ќе го препознае и дека во иднина ќе наидеме на поголема поддршка бидејќи во интерес на мак-баскетот е во Битола да постои сериозна кошаркаркарска приказна“.

Јовановски на крајот на интервјуто за ЕКИПА се осврна и на завршениот турнир од Купот на Македонија, честитајќи му го трофејот на шампионот ТФТ, но и барајќи поголем респект од одговорните лица кон КК Пелситер.

„Искрени честитки за освојувачот на Купот ТФТ екипа која се сретнавме во првиот меч. Фактичката состојба со која ние се соочивме не беше позитивно наклонета за ова Куп завршница бидејки во неполни десет дена одигравме пет натпревари и во тие натпревари го немавме целиот ростер со здрав биланс на играчи кој што можеа да бидат планирани. Љубомир Младеновски, Димитар Караџовски, Бобан Стајиќ, Марјан Младеновиќ и Стојан Ѓуроски кој што се појави по прв пат со екипата на терен после 2 месеци. Резултатот не е она што првично ме загрижува, многу повеќе ме загрижуваат случувањата на паркетот и искрено се запрашувам кои се главните актери на паркетот, дали кошаркарите или некои други игри кои се водат надвор од теренот. Се надевам дека ќе немаме вакви ситуации во иднина и дека ќе наидеме на коректен однос од оние кои се одговорни за првенството и за натпреварувањето“.

Се вчитува...