ИНТЕРВЈУ со Кире Синадиновски: Скопје на 4 октомври ќе биде во центарот на светската тркачка мапа со учесници од 61 земја

Директорот на Виз Ер Скопски маратон во интервју открива што носи годинешното издание, како расте меѓународниот интерес и зошто мотото „Трчањето ќе те промени“ е повеќе од порака

 На 4 октомври Скопје повторно ќе стане центар на една од најголемите спортски манифестации во земјата, со тркачи од 61 земја кои ќе застанат на стартот на Виз Ер Скопски маратон 2026. За годинешното издание, растечкиот меѓународен интерес, новините и пораката „Трчањето ќе те промени“, разговараме со Кире Синадиновски, директор на Виз Ер Скопски маратон.

Виз Ер Скопски маратон 2026 ќе се одржи на 4 октомври. Какви се очекувањата за годинешното издание и дали очекувате бројот на учесници да биде поголем од минатите години?

Очекувањата се навистина големи и се радуваме што интересот за маратонот продолжува да расте. Секоја година си поставуваме нови цели, но најважно ни е Виз Ер Скопски маратон да продолжи да биде настан кој ги обединува луѓето, без разлика дали станува збор за професионални тркачи, рекреативци, компании или луѓе кои за првпат се одлучуваат да истрчаат организирана трка.

Веруваме дека и оваа година ќе имаме уште поголема масовност. Зад бројките, сепак, секогаш стојат индивидуални приказни – некој трча за подобро време, некој за здравје, некој за личен предизвик, а некој можеби за првпат ќе направи нешто за кое долго време мислел дека не може. Токму тоа ја прави атмосферата на маратонот посебна.

Годинава учесници се пријавени од дури 61 земји. Од кои земји има најголем интерес и што ви кажува овој податок за позицијата на Виз Ер Скопски маратон на меѓународната маратонска сцена?

Учеството на претставници од 61 држава е сериозен показател дека Виз Ер Скопски маратон одамна ги надмина локалните рамки. Најголем број странски учесници имаме од Србија, Германија, Велика Британија, Шпанија, Италија, Франција, Унгарија, Турција и Холандија.

За нас тоа е големо признание, но и обврска. Кога некој патува од друга земја за да трча во Скопје, тој не доаѓа само на трка. Тој го посетува градот, престојува тука, ги користи локалните услуги и носи дома свое искуство за Македонија. Затоа маратонот има и силна туристичка и промотивна димензија.

Маратонот одамна не е само натпревар за професионални тркачи. Како се обидувате да ги мотивирате рекреативците, почетниците, компаниите и луѓето од различни возрасни групи да бидат дел од настанот?

Токму тоа е една од нашите најважни цели – секој да може да се препознае во маратонот. Не мора секој да истрча 42 километри. Некој ќе избере полумаратон, некој 5 километри, некој ќе биде дел од штафетата, а некој ќе трча во тим со своите колеги.

Сакаме луѓето да разберат дека учеството не е условено со тоа колку брзо трчате или колку километри можете да истрчате. Најважно е да се појавите на стартот и да си дадете можност да направите нешто за себе. Кога еднаш ќе ја почувствувате атмосферата на маратонот, многу често следната цел доаѓа сама по себе.

Оваа година има повеќе можности за тимско учество, вклучително и тимско натпреварување во маратонската трка. Колку ваквиот концепт придонесува маратонот да стане уште помасовен и поатрактивен за компаниите и организациите?

Тимското учество носи една дополнителна димензија, затоа што трчањето станува заедничко искуство. Кога трчате со колегите, пријателите или членовите на вашиот тим, мотивацијата е поинаква. Се бодрите меѓусебно, се поддржувате и заедно ја споделувате радоста на финишот.

Особено ни е драго што компаниите сè повеќе го препознаваат ова како можност за градење тимски дух и промовирање здрави навики кај вработените. Маратонот може да биде одлична точка на поврзување меѓу луѓето и надвор од работното место.

Маратонот години наназад се  одржува под мотото „Трчањето ќе те промени“. Што според вас е најголемата промена што трчањето може да ја донесе кај еден човек – физичка, психолошка или промена во начинот на живот?

Мислам дека вистинскиот одговор е – сите три. Трчањето започнува како физичка активност, но многу брзо влијае и врз начинот на кој размислуваме. Ве учи на дисциплина, истрајност и на тоа да не се откажувате кога станува тешко.

Можеби најважно е што трчањето ве соочува со сопствените граници. Ќе има денови кога 5 километри ќе изгледаат тешко, а потоа еден ден ќе сфатите дека сте истрчале 10, 21 или 42 километри. Тоа чувство дека сте направиле нешто за кое претходно не сте верувале дека е возможно е промена која останува со вас и надвор од патеката.

Виз Ер Скопски маратон има сè поголемо значење и за промоцијата на Скопје и Македонија како туристичка дестинација. Каква е улогата на маратонот во привлекувањето странски гости и каков ефект има нивното присуство врз градот?

Маратонот е еден од настаните преку кои Скопје може да се претстави пред голем број луѓе на многу поинаков начин. Странските учесници не доаѓаат само да трчаат. Тие престојуваат во градот, го запознаваат Скопје, посетуваат ресторани, кафулиња и туристички локации и создаваат сопствено искуство.

На тој начин еден спортски настан станува и туристички настан. Нашата цел е луѓето кои првпат ќе дојдат во Скопје поради маратонот да си заминат со позитивни спомени и желба повторно да го посетат градот. Тоа е вредност која не може да се измери само со бројот на медали или резултати на целта.

До 18 септември е последниот рок за пријавување. Што би им порачале на сите оние кои сè уште се двоумат дали да се пријават и на 4 октомври да застанат на стартот?

Би им кажал да не чекаат совршен момент, затоа што таков момент најчесто не постои. Ако размислувате дали можете – пријавете се и обидете се. Не мора да поставите рекорд. Поставете си лична цел и направете го првиот чекор.

18 септември е последниот ден за пријавување, а 4 октомври е денот кога Скопје повторно ќе трча. Изберете ја трката која ви одговара, повикајте ги пријателите или колегите и бидете дел од атмосферата. Можеби токму оваа година ќе откриете нешто ново за себе.

Затоа и велиме: „Трчањето ќе те промени“. Не само затоа што ќе станете физички поспремни, туку затоа што секој поминат километар ве носи чекор поблиску до човекот што сакате да бидете.

 

Се вчитува...