ИНТЕРВЈУ – Војдан Стојановски: Репрезентацијата многу ми дала, додека можам ќе играм за Македонија

Вообичаен скромен и тивок, Војдан Стојановски овојпат во разговор за ЕКИПА отворено говори за проблемите во мак-кошарката, за неочекуваниот пораз од Швајцарија, претстојните репрезентативни предизвици, но и зошто младите играчи мора многу повеќе да вложуваат во себе ако сакаат да успеат во овој спорт.

=====================================================================

Македонија го освои првото место во претквалификациската фаза со Словачка и Швајцарија, но капитенот е загрижен поради лошиот пристап на кошаркарите на последниот меч во Фрибург, на кој беше претрпен неочекуван пораз од аутсајдерот во групата.

„Сигурно дека има задоволство од првото место, но тоа беше многу поголемо до пред натпреварот со Швајцарија. Имавме три победи и заминавме на гостување против селекција што важеше за најслаба во група. Никој не очекуваше дека ќе ни се случи такво нешто, не дека мечот беше тежок, туку не го сфативме сериозно дуелот со Швајцарците, како да заборавивме дека во денешно време сите играат кошарка. Тоа мора да ни биде лекција за во наредните квалификации, дека не смееме да си дозволиме уште еден таков натпревар. Македонија пробува да се врати на патот на кој што била, за остварување на таа цел мораме да го даваме максимумот против секој противник, се надевам дека ова последен пат ни се случува, да влеземе во квалификациски дуел со несериозен пристап, со помислата дека можеме да победиме и без да излеземе на терен“ – вели Стојановски.

Во следната фаза од претквалификациите прв ривал е Косово, селекција од која бевме елиминирани на стартот од квалификациите за СП 2019. Пресудно беше очајното прво полувреме во Приштина што го загубивме со 20 поени разлика, нешто што не смее да се повтори на мечот во септември.

„Ќе видиме дали е научена таа лекција, тоа ќе мораме да го покажеме на терен. Добро ќе се подготвиме и нема да чекаме до 21. Минута да почнеме да играме кошарка, од самиот почеток ќе влеземе фокусирано. Се надевам пред се дека сите ќе бидеме здрави, ќе одиграме добар меч и ќе одговориме на тој предизвик на стартот од новиот циклус. Нема потреба од страв, туку само да бидеме сто посто фокусирани на она што е пред нас, без разлика кој е противникот на другата страна од теренот“ – истакнува Војдан Стојановски.

Покрај Косово, втор ривал на нашите кошаркари во следниот циклус е селекцијата на Романија, на чија клупа седи Македонецот Заре Маркоски.

„Заре Марковски беше кратко време со нас како директор на федерацијата и советник во стручниот штаб. Она што го знаеме е дека Заре отсекогаш како тренер го красела таа агресивна одбрана, пожртвуваност и дисциплина во играта. Ќе биде тешко, тие одиграа одлично во преходните квалификации, имаа победа во Хрватска, се носеа до самиот крај против Италија. Тоа е доказ дека Романците ќе бидат многу сериозен ривал“ – предупредува македонскиот капитен.

Подмладувањето и смената на генерации донесе сериозен удар врз македонската репрезентативна кошарка, но Војдан е дециден – мора да се размислува долгорочно, за што е неопходно во националниот тим да бидат вклучени уште повеќе млади играчи.

Мислам дека ни е неопходен уште еден бран на подмладување, бидејќи ако го погледнеме актуелниот ростер од почетокот на овие квалификации, очигледно е дека имаме преискусни играчи кои се ближат до крајот на кариерата. Не станува збор за потреба за „свежа крв“, туку за создавање на играчи преку квалитетни меѓународни натпревари. Дури и во случај на некои неочекувани порази, тоа нема да биде толку болно ако во тие натпревари добиеме кошаркари за во иднина. Тоа многу би значело, бидејќи тие играчи би биле тука за репрезентацијата уште најмалку десет години. Според мене, така треба да се гледа на работата, нешто мора да се проба и да се истрпи, за на крајот да се стигне до одреден резултат“ – вели Стојановски.

Војдан зад себе има бројни настапи во националниот тим на најголемата сцена, одигра феноменален меч во победата против Литванија, па не крие дека сега е невообичаено чувството да се биде дел од дното на европската кошарка.

„Да бидам искрен, малку е чудно чувството. Јас почнав во периодот 2007/08, во квалификациите за ЕП во Полска. Фатив четири евробаскети во континуитет што многу ми помогна да се развијам како играч. За мене најголема предност беше што крај себе ги имав Антиќ, Гечевски, Илиевски, Стефанов и многу други играчи кои имаа и квалитет, но и меѓународно искуство, кои знаеја да им дадат на помладите вистински совет во вистинско време. Многу научив околу пристапот, карактерот на играта, дека секогаш се дава 100% без разлика дали играш со Косово или со Шпанија. Тогаш бев најмлад, сега сум меѓу повозврасните и се обидувам да го пренесам своето искуство. Не е лесно, поразите секогаш разочаруваат, но никогаш не сум помислил да кажам доста е. Оваа репрезентација многу ми дала и мојот став секогаш е ист – ќе продолжам да играм за Македонија се додека здравјето ме служи, со надеж дека наскоро ќе дојдат подобри денови“ – позитивно гледа кон иднината Војдан.

Тој има и гласна порака до младите македонски играчи, дека мора да даваат многу повеќе од себе ако сакаат да успеат.

„За сегашната ситуација, мислам дека младите треба да добијат поголема шанса, но и тие мора да го променат својот пристап. Борбеноста и пожртвуваноста мора да биде одлика на младите играчи, без разлика дали во репрезентација или во клуб, бидејќи никој нема така лесно да им даде ништо во животот без борба и без да го заслужиш тоа што е твое“ – дециден е Војдан Стојановски.

Војдан дава поддршка на новото правило за намалување на бројот на странци во мак-баскетот, но и порачува на домашните играчи дека шансата мора да се искористи, во спротивно се ќе биде попусто.

„Најновата одлука за намалување на бројот на странци е добар потег бидејќи се овозможува да излезат на површина млади македонски играчи кои реално досега не добивале премногу шанса за докажување. Тоа е добро за младите, но од друга страна тие мора да разберат една работа – ова правило е направено за нив, но не е подарок, туку напротив, само шанса што треба да ја искористат. Тие сега треба да работат три пати повеќе од претходно за да го заслужат тоа што им е овозможено, да ја искористат шансата и да потврдат дека овој потег на федерацијата бил оправдан. Ако за две-три години се остане на истото ниво, тогаш е можно и пак да се вратат старите правила, на крајот сепак се зависи од македонските играчи, кои мораат да ги покажат своите квалитети, инаку сето ова ќе биде попусто“ – предупредува капитенот на нашиот национален тим.

Војдан има зад себе бројни авантури во странство и многу добро знае колку е тешко да се успее во светот на кошарката.

„Најтешко ми беше во Крушевац, отидов таму на 19 години, млад, сам, желен да успееам. Секој што играл во Србија знае колку е тешко за Македонците да успеат во оваа земја, јас работев напорно, минав четири сезони таму, напреднав како играч, но што е уште поважно, го зацврстив карактерот. Потоа се вратив тука, па следеа нови трансфери во странство, преку Украина до Алба во Германија, па преселба во Шпанија и ланската сезона што ја играв во Турција за Бујукчекмече. Ги фатив можеби најсилните лиги во Европа, притисокот е голем бидејќи секој меч е како финале. Како прво, ти си странецот и ако не си на потребното ниво секогаш прстот ќе биде вперен во тебе по некој пораз. Не можеш да си дозволиш две слаби средби во серија, професионализмот е на највисоко ниво, тренинзите подеднакво напорни како и натпреварите… Тешко е, но доколу си фокусиран и ментално спремен за тоа што следи тогаш можеш да ги издржиш сите предизвици“ – истакнува Стојановски.

По истекот на договорот со Бујукчекмече тој се уште е без клуб за наредната сезона, но не брза со конечната одлука, верувајќи дека на крајот ќе го донесе вистинскиот избор.

„Целта ми е да потпишам договор со добар тим со добар тренер. Тоа е моја желба, да тренирам добро и тимот да игра квалитетна кошарка. Јас не сум таков тип, ниту пак ја сакам таквата индивидуална кошарка што ја практикуваат многу клубови ширум Европа, со четири-пет Американците да се оди на соло-акции и атракции, некаков си НБА-стил што реално е предалеку од НБА. Се надевам дека ќе излезе нешто добро, земјата каде би одел не е ни толку важна колку што ми е значајна сериозноста на проектот и квалитетот на работата. Има доволно време, не ми се брза, верувам дека ќе ја донесам вистинската одлука“ – вели Војдан Стојановски.

Се вчитува...