Челниците на Фудбалската федерација на Иран наскоро ќе се сретнат со претставници на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) во Цирих, во врска со натпреварите што иранската репрезентација ќе ги игра во јуни во САД на Светското првенство.
Претседателот на Фудбалската федерација на Иран, Мехди Таџ, изјави дека има „многу прашања за дискусија“ по враќањето од Канада, каде што не присуствуваше на годишниот конгрес на ФИФА што се одржа во Ванкувер во четврток.
Генералниот секретар на ФИФА, Матијас Графстром, ја покани иранската делегација во седиштето на светската куќа на фудбалот и постави рок за состанокот најдоцна до 20 мај, соопшти изворот на агенцијата Асошиејтед Прес.
Тој датум за состанокот во Цирих е три недели пред иранската репрезентација да пристигне во САД, во нејзината база во Тусон, Аризона, каде што ќе остане пред натпреварите што ќе ги игра во Инглвуд и Сиетл.
„Нашиот став е дека наскоро ќе имаме состанок со ФИФА“, изјави Таџ за иранските медиуми.
Според распоредот, фудбалската репрезентација на Иран треба да игра во Инглвуд против Нов Зеланд на 15 јуни и против Белгија на 21 јуни, а треба да ја заврши групната фаза на 26 јуни во Сиетл со натпревар против Египет.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
