Фудбалерите на иранската репрезентација, кои се уште чекаат американски визи за Светското првенство, ги предадоа своите пасоши во американската амбасада во Турција, објави шефот на Иранската фудбалска асоцијација.
Светското првенство се одржува во САД, Мексико и Канада, меѓутоа, САД, каде што Иран треба да игра три натпревари од групната фаза, се уште не издале никакви визи.
„Во четврток разговарав со ФИФА за американските визи. Беше побарано да ги предадеме сите пасоши на американската амбасада во Анкара, Турција, каде што моментално се наоѓа иранската репрезентација“, рече Мехди Таџ.
Иранската репрезентација треба да лета од Турција за Шпанија во сабота пред да го започне својот тренинг камп во Мексико. За овие летови се потребни пасоши.
„Мислам дека сите американски визи ќе бидат издадени и нема да има понатамошни проблеми“, рече Мехди Таџ.
Мексико одобри визи за Иранците оваа недела. Тимот Мели, како што се нарекува репрезентацијата на персиски, треба да го игра својот прв натпревар против Нов Зеланд на 15 јуни во Лос Анџелес.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
