Ирска декласирана: Македонија е сигурно прва, одиме во главните квалификации за ЕП

Кошаркарската репрезентација на Македонија го осигура пласманот во главната фаза од квалификациите за Евробаскет 2029 откако попладнево „црвено-жолтите“ славеа над Ирска со резултат 77-56. Ова беше петти триумф на македонските кошаркари од стартот на овој претквалификациски циклус, па на една рунда до крајот првото место во групата и пласманот во главните квалификации се веќе осигурани, оставајќи го последниот меч и гостувањето во Луксембург без поголемо резултатско значење.

Ефремовски ги постигна првите поени на денешниот натпревар од линијата за слободни фрлања, но Ирците возрватија со две тројки и предност од 2-6. Македонија имаше одговор, предводена од Јакимовски поведе со 10-6, но гостите со удари од далечина повторно дојдоа до водство, овојпат од 12-14. Ирските кошаркари последен пат поведоа со, со влегувањето на искусните Војдан Стојановски и Стојан Ѓуроски профункционира шутот од далечина на Македонија, па токму со двете тројки на овие ветерани успеавме да се одлепиме и првата четвртина да ја завршиме со 23-16.

Македонија одигра уште поквалитетно во одбраната во вториот период, во кој избраниците на Берокал умешно ги затворија приодите кон сопствениот кош и дополнително ја зголемија позитивата. Јакимовски го отвори овој период со поени, а со реализцијата на Ѓуроски стигнавме до првото двоцифрено водство (29-18). Убедливата предност беше задржана во текот на целиот период, Какруки пред крајот на полувремето погоди за 38-24, но гостите со тројката на Алајики намалија на 38-27, резултат со кој се замина на одмор.

Tретиот период почна со украдена топка на Ефремовски, па потоа и „два плус еден“ реализација на Јакимовски на спротивната страна. Следеа минути на неефикасна игра на двете страни, но Македонија предводена од Јакимовски ја зголеми позитивата на 47-31 во 26. минута, принудувајќи го ирскиот селектор на тајмаут. Макеонија продолжи да доминира, па со торјката на Јакимовски дојдовме и до првото водство од „плус 20“ (55-35), четвртината завршувајќи ја со 59-37.

Триумфот беше осигуран, па селекторот Берокал повлече дел од клучните кошаркари на стартот од последниот период. Разликата беше рутински одржувана во текот на последните 10 минути, во финишот влегоа и Иванов, Лукановски и Бошалески, тоа воопшто не се одрази на резултатот, па Македонија го заврши натпреварот со убедлива победа изразена со конечните 77-56.

Андреј Јакимовски беше клучна фигура на натпреварот со 19 поени, 13 скокови (седум офанзивни) и две асистенции, Ефремовски реализираше 12, а Војдан Стојановски десет поени во нашиот табор. Новиот американецо Стјуарт се подреди на колективор, завршувајќи го дуелот со скромни седум поени, девет скокови и три асистенции.

Се вчитува...