Искуството си го направи своето – максимални победи на „Алкалоид“

Шаховското државно првенство во екипна конкуренција вчера продолжи во Охрид со одигрување на партиите од второто коло, при што двата состава на ШК Алкалоид забележаа максимални победи: мажите со 6 : 0, а жените со 4 : 0.

Машкиот тим играше против ГШК Куманово 1, при што во одредена фаза од партиите, според позициите, не изгледаше дека мечот ќе го добијат со толкава разлика. Едноставно, богатото искуство на „фармацевтите“ во критичните моменти помогна тие да успеат да ги надиграат противниците.

Првиот поен дојде со триумфот на Филип Михов на шестата табла против Неџмедин Садики, што се темелеше врз прецизно одиграното отворање, за разлика од неговиот ривал, а неочекувано бргу и ВМ Звонко Станојоски во острата Сицилијанска одбрана го доби мечот со ФМ Оливер Органџиев на третата табла, успевајќи да ги казни и најмалите грешки во играта на противникот, со што ја потврди својата врвна форма. ВМ Велимир Ивиќ во ова коло дебитираше за ШК Алкалоид и против ИМ Велислав Куков освои цел поен, откако по почетната цврста одбрана бугарскиот шахист направи голем превид, со што водството достигна 3 : 0.

Најголема драма, се чини, беше дуелот на четвртата табла, каде што ИМ Тони Лазов го донесе четвртиот поен за ковертирање на победата, во партија во која играчот на ГШК Куманово 1 ФМ Зоран Илиќ, во несвојствено непрецизна игра за него, по почетната предност во Италијанска партија најпрвин остана со фигура помалку, а потоа и беше поразен во цајтнот. Последните две партии беа шлаг на тортата, а во нив на првата табла ВМ Нодирбек Јакубоев го совлада ИМ Ндерим Сарачи со попрецизна игра во завршницата на Кралско-индијска одбрана, додека, пак, на петтата табла ВМ Роландо Кутиров го скрши отпорот на Сашо Симов, кој, иако ги имаше белите фигури, имаше пасивна игра уште од отворањето и не покажа амбиции да игра за победа.

Убедлива победа оствари и ШК Прилеп против ШК Анпасан СЕС од Шипковица со 5 : 1, додека, пак, другите два дуела беа порамноправни: ШК Шкупи и ШК Пелагон одиграа 3 : 3 со шест реми партии, додека, пак, ШК Гамбит оствари тесна победа над ШК Гостивар од 3,5 : 2,5, се чини најмногу поради пресвртот на последната, шеста табла.

Само екипите на ШК Алкалоид и на ШК Прилеп имаат по 4 бода по првите две кола, а веќе во третото коло ќе се сретнат меѓу себе во меч што може да биде значаен за конечниот расплет.

Во женска конкуренција ќе остане забележано дека четирите екипи кои вчера победија во првото коло сите до една повторно славеа победи и на вториот ден. Ждрепката доведе до тоа ШК Алкалоид и во женска конкуренција да игра против ГШК Куманово 1, при што на првите две табли се соочија интернационалките на двата тима.

Грузијките ВМ Котенашвили и ИМ Јавакишвили одиграа одлични партии против српските шахистки ЖИМ Сандра Ѓукиќ и ЖИМ Љиља Дрљевиќ, а по четири часа игра се здобија со решавачка предност и победија во исцрпувачките партии. На третата табла Сања Трајковски имаше почетна иницијатива, но искусната ЖИМ Габриела Коскоска успеа да го одбие нападот, а потоа и да ги казни грешките на противничката за целосен пресврт. Актуелната државна првенка во поединечна конкуренција, ЖФМ Моника Стојковска, трпеливо ја чекаше својата шанса, откако нејзината противничка се впушти во теориска варијанта, што ја доведе до неповолен однос на силите, па мораше да брани пасивна позиција. Стојковска покажа трпеливост и со засилување на нападот изнуди слабеење и решавачка грешка.

ГШК Неготино, по вчерашниот триумф над еден, во второто коло прокнижи победа од 2,5 : 1,5 и над вториот кумановски тим, ШК Фишер, со што продолжува да биде пријатно изненадување на турнирот. Во другите два меча фаворитите МШК Центар и ШК Гамбит Ассеко Сее имаа лесни победи од 3,5 : 0,5 над ШК Гостивар, односно над ШК Стево Патако.

ШК Алкалоид ја предводи групата од четири екипи на врвот на табелата со по 4 бода, а утре игра против ШК Фишер, додека, пак, ривалките од ШК Гамбит и од МШК Центар ќе играат меѓу себе.

Се вчитува...