Раул Фернандез го постигна најголемиот успех во својата кариера, шокирајќи го светот на Мото ГП со победата на Големата награда на Австралија. Возачот на американскиот тим Тракхаус стана втор нов победник во последните две трки, откако Фермин Алдегер претходно славеше во Мандалика.
Неговиот триумф дојде во време кога околностите беа сè освен обични – Марк Маркез е надвор од трките поради повреда, додека Марко Безеки мораше да отслужи дури две казни за долги кругови. Фернандез го искористи тоа максимално, за првата победа во Мото ГП.
Тоа беше неговиот прв подиум во елитната класа, но и негова прва победа од 2021 година, кога славеше на трката во Мото2 во Валенсија.
Неговиот пат до успехот беше сè освен лесен – од повреди, сомнежи и промени во тимот, до моментот кога Априлја одлучи да му даде доверба преку проектот Тракхаус. Сигурно никој сега не жали за таа доверба.
На крајот, тој ја помина целта со предност од 1,4 секунди пред Безеки, пишувајќи ја најдобрата страница од неговата кариера во Мото ГП досега.
„Сè уште не можам да поверувам. Вчера во спринтот Марко имаше неверојатно темпо. Утрово на состанокот мислевме дека подиумот е реален, но никогаш не помислив дека можеме да победиме“ – рече Фернандез веднаш по трката.
Триумфот на Фернандез го лансираше на десеттото место во генералниот пласман, три трки пред крајот на сезоната.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

