Историја: ТФТ го надигра МЗТ Скопје за прва титула во Купот на Македонија

ТФТ стигна до првата титула во својата историја откако во финалето на Купот Благоја Георгиевски – Буштур славеше над МЗТ Скопје со 80-66, уште еднаш докажувајќи дека во ова натпреварување не секогаш слават фаворитите. Избраниците на Смилковски одиграа одличен натпревар во кој го сопреа противникот на 35 отстотна реализација од поле, погодија кога беше најпотребно и сосема заслужено стигнаа до голема победа.

Натпреварот започна во изедначено темпо на двете страни од теренот во кое ТФТ благодарение на подобриот шут за три поени стекна минимална предност. МЗТ Скопје ја користеше предноста во висина во играта под обрачот за 21-17 по првата четвртина. ТФТ успеа да го задржи добриот моментум и во поголемиот дел од втората четвртина, во која продолжи со добрата одбрана на бековите на МЗТ, најде и решение во рекетот на противникот па стигна и до предност од 39-31, а и покрај тоа што имаше шанса да поведе двоцифрено не успеа во обидот. Сепак избраниците на Радуловиќ ненавремено ги консолидираа редовите, агресивната одбрана донесе лесни поени во транзиција, Рикиќ продолжи да погодува на низок пост па до полувремето ја намалија негативата на 41-37.

МЗТ Скопје влезе мотивирано во второто полувреме, ја задржа агресивноста во одбраната со која го лимитираше ТФТ на три постигнати поени за шест и пол минути, го исконтролира скокот и стигна до поени во нападот преку кои успеа да ја превземе предноста (44-48), но ‘црно-белите’ навремено ги консолидираа своите редови. На крилја на Хортон ја вратија предноста во свои раце, го затворија рекетот, ги искористија промашените обиди на ‘сино-белите’ за три поени па поведоа со 60-53 пред одлучувачката четвртина. Во неа МЗТ Скопје остана без Дамјан Стојановски кој доби втора техничка грешка па не успеа да го најде напаѓачот ритам. Хортон и Костовски реализираа кога беше најпотребно па двоцифрената предност остана на семафорот за мирна завршница.

Најефикасен беше Хортон со неверојатни 23 поени, далеку зад него Костоски со 13. Рикиќ кај МЗТ постигна 13, но потфрлија другите играчи од кои се очекуваше многу повеќе. Смит од ТФТ имаше дури 17 скока.

Се вчитува...