Големата награда на Холандија во Асен беше обележана со историскиот успех на Аи Огура, кој ја постигна својата прва победа во шампионатот Мото ГП и со тоа испиша нова страница во јапонскиот мотоциклизам.
Возачот на Тракхаус славеше во десеттата трка од сезоната и стана првиот Јапонец кој триумфираше во премиер класата по Макото Тамада, кој последен пат го стори тоа на Големата награда на Јапонија во 2004 година. Помеѓу двата јапонски триумфа поминаа дури 7.952 дена.
25-годишниот Огура, поранешниот шампион во категоријата Мото2 со шест победи во таа класа, го постигна најголемиот успех во својата кариера пред тимскиот колега Раул Фернандез, кого го победи за осум десетинки од секундата.
Тој резултат донесе историски успех и за Тракхаус, бидејќи тимот за прв пат постигна двојна победа во шампионатот Мото ГП.
Хорхе Мартин на Априлија заврши на третото место, комплетирајќи ја тројната победа за италијанскиот производител. Ова е само вторпат во историјата возачите на Априлија да го освојат целиот подиум, по успехот во Муџело.
За разлика од славењата на Априлија, трката во Асен беше вистински кошмар за Марко Бецеки. Лидерот во генералниот пласман излета од патеката веќе во вториот круг, во 15-тата кривина, по што беше однесен во медицинскиот центар на дополнителни прегледи со силен пад.
Најдобар од возачите кои не се искачија на подиумот беше Фабио ди Џанантонио. Италијанецот успеа да стигне до четвртото место и покрај долгата казна за круг поради инцидент со Марко Маркез.
Шпанецот ја помина целта на шестото место, откако изгуби една позиција во последниот круг поради излегување од патеката.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
