Историја за Алкалоид: Прва европска победа, Ла Риоха на колена во „Јане Сандански“

Ракометарите на Алкалоид испишаа историја, забележувајќи ја првата европска победа во клупската историја откако вечерва по голема борба славеа над ЛаРиоха со 28-27. Избраниците на Лазаров одиграа одличен меч во кој блескаа Митев и голманот Галевски, а во неизвесна завршница успеаја да го земат скалпот на шпанскиот клуб со кого веќе ремизираа на гостински терен, па на крајот го освоија третото место во оваа силна група од Европската лига на ЕХФ.

Алкалоид одлично го отвори мечот, за помалку од две минути поведувајќи со 0-2 преку Митев и Велковски поведувајќи со 2-0.  Шпанците набрзина се консолидираа, казнувајќи ги промашувањата на ракометарите на Алкалоид за водство од 3-5 во 6. минута, при што исклучување заработи и Бинго. Следеше и промашен пенал на Дамјан Митев, немоќта во нападот продолжи, а само добрата форма на голманот Галевски спречи нов гол во мрежата на Алкалоид, па остана 4-7 по одличната двојна интервенција на младиот чувар на мрежата на македонскиот вицепрвак. Грешките зачестија, па по двете загубени тпоки со играч повеќе и новиот примен гол, Лазаров при 4-8 беше принуден да го земе првиот тајмаут на натпреварот.

Серијата на противникот со прекрасен погодок од зад грб ја прекина Марко Митев, веднаш потоа Ла Риоха поведе и со најубедливи 5-10, пред Алкалоид конечно да влезе во серија и со голот на Велковски во 20. минута да намали само на „минус еден“ (9-10). „Сино-белите“ влегоа во посакуваниот ритам, одбраната функционираше се подобро, па Савревски стрелаше во празен гол во 24. минута за израмнување на 12-12. Галевски продолжи со одличните интервенции, а со голот на Стојковиќ на спротивната страна Алкалоид се врати во водство (14-13). На две минути до крајот на полувремето исклучен беше Омерагиќ, но одличниот Галевски спречи Шпанците да се приближат и на одмор се замина со водство на Алкалоид од 15-13.

Второто полувреме почне со гол на Џонов и најубедливо водство на Алкалоид од 16-13. Алкалоид стигна и до четири гола предност (18-14), фрустрациите во шпансиот табор растеа, па така Фернандез заработи исклучување поради приговор до судиите. И кога требаше противникот да се „дотолчи“, Алкалоид повторно влезе во серија грешки и промашувања когаа имаше играч повеќе на теренот, па Ла Риоха за само три минути успеа да израмни на 18-18. Шпанците имаа и 18-19, пред нивната серија од пет гола да ја запре Марко Митев.

Галевски се врати во ритам во вистински момент за македонскиот тим, Алкалоид поведе со 21-20, но повторно пропупти шанса да се одлепи откако при овој резултат имаше играч повеќе, но не успеа да постигне гол. Проблемите се зголемија откако при 22-21 црвен картон заработи Марко Стојковиќ, кој играше добар меч до тој момент постигнувајќи три погодоци. Судиите продолжија со помош за Шпанците, само пет секунди подоцна исклучувајќи го и Савревски, па Алкалоид мина шест секунди со дури тројца играчи помалку на теренот. И тогаш Галевски повторно блесна со одбранет пенал,

Ѓоргиев направи почетничка грешка подарувајќи им на гостите гол за 22-22, по што се продолжи со израмнета игра на двете страни, а гостинскиот тренер при 25-25 побара тајмаут. Гостите имаа 25-26 и напад, но Алкалоид најпрвин се одбрани, а потоа преку Џонов го израмни резултатот. Митев круниса уште една извонредна партија со погодок за 27-26, деветти за него на мечот, за на помалку од минута до крајот повторно Митев да влезе во соло-акција, со својот десетти гол ставајќи печат на победата. Финишот стана суперинтересен откако Велковски ја загуби топката на дваесет секунди до крајот при 28-27, но Алкалоид се добран и заслужено стигна до првиот европски триумф.

Митев со десет гола беше најефикасен, пет пстигна Џонов, а четири Велковски, додека на голот брилијантен беше Галевски со 17 успешни интервенции.

Се вчитува...