ЕКИПА во Сараево, БиХ
Горан Бошев
Три ремија и по една победа за БиХ и за Македонија низ историјатот на меѓусебните пријателски дуели на овие две селекции. Особено ќе се памети она „реми“ од 4-4 во 2002 година одигран на стадионот Грбавица, кога Артим Шаќири постигна хет-трик за македонската репрезентација.
Двајцата селектори Гоце Седлоски на Македонија и Сергеј Барбарез на БиХ играа на тој историски меч, а Барбарез даде два гола. Играа и на други меѓусебни натпревари, а сега за првпат ги „вкрстуваат копјата“ како предводници од клупата.
Првиот меѓусебен натпревар двете репрезентации го одиграа во 1998 година кога во Скопје беше 1-1. Милан Стојаноски донесе предност за Македонија, Бркиќ израмни На 29. март 2000 година, БиХ ја победи Македонија со 1-0 на стадионот „Билино Полје“ со голот на Мухамед Коњиќ.

Потоа следуваше незаборавниот дуел со осум голови во март 2002 година.
БиХ водеше со 3-0 на полувремето, со два гола на Барбарез и еден на Болиќ. Шаќири со првиот гол, и потоа Ќириќ успеаја да намалат. Босанците дојдоа до предност од 4-2 со голот на Болиќ, а потоа следуваше „шоу“ на Артим Шаќири кој со два гола успеа да спаси пораз за Македонија.

На 18. февруари 2008 година во Скопје, Македонија на пријателски меч ја совлада БиХ со 1-0 со голот на Горан Пандев во 22. минута.
Последниот меч меѓу овие две селекции се одигра во март 2008 година. На „Билино Поље“ мечот заврши нерешено 2-2, и сите четири гола беа постигнати во првиот дел. Дамјановиќ со два гола за само три минути успеа да донесе предност за Босанците. Мазнов во 41. минута намали, а потоа во 45. минута погоди уште еднаш за „реми“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
