Екипата на Ангели има причина за радост откако по дванаесетте порази од стартот на сезонава, прволигашот од Кисела Вода денеска конечно се израдува на првата победа во елитното друштво. Ангели денеска гостуваа во Аеродром на вториот тим на МЗТ Скопје, каде славеа над директниот ривал за опстанок со минимални 81-82.
Гостите одлично го отворија мечот, во деветтата минута имаа двоцифрено водство од 11-21, а првата четвртина ја завршија со позитива од осум поени. МЗТ Скопје 2 ја истопи негативата на противникот, а во завршницата се влезе во интересен и неизвесен финиш. Ангели имаа 76-81 на една минута до крајот, но домаќините се вратија и при 79-82 добија три слободни фрлања во последните секунди. Андоноски беше двапати прецизен, но го промаши клучното трето слободно фрлање, за пораз на МЗТ Скопје 2 и историска прва победа на КК Ангели.
Зимското засилување Раме се покажа во извонредно светло дебитирајќи со 32 поени за македонскиот прволигаш, 15 постигна Атанасов, додека кај младиот состав на МЗТ најефикасни беа Ренсом со 24 и Митевски со 21 постигнат поен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА