Историско фијаско на ЛА Лејкерс во Бостон

ЛА Лејкерс можеби има најдобар скор во Западната конференција во досегашниот дел од сезоната, но Леброн Џејмс и соиграчите сигурно уште долго ќе го паметат поразот од Бостон со преубедливи 139-107. Старото ривалство очигледно многу повеќе им значи на селтикс, кои бодрени од верните навиваичи одиграа максимално мотивирано од првата до последната минута и на крајот славеа со 32 поени разлика, најголемо фијаско на „езерџиите“ во последните 57 години во дуелите со големиот противник.

Како клучна се покажа одличната игра на Бостон во нападот во второто полувреме, откако домашниот состав постигна 70 поени за 24 минути игра, наспроти 52 на гостите од Лос Анџелес.

Расел Вестбрук оствари трипл-дабл за Хјустон од 32 поени, 11 скокови и 12 асистенции против својот поранешен клуб, но на крајот на победата сепак се радуваа кошаркарите на Оклахома (107-112). Гостите се вратија од негатива од 17 поени и на крајот стигнаа до голем триумф, пред се благодарение на Крис Пол и неговите 28 поени на овој натпревар.

Демијан Лилард одигра натпревар за паметење во дресот на Портланд, постигнувајќи 61 поен во победата од 129-124 над Голден Стејт, остварена по дополнителни пет минути игра.

Резултати НБА:

Бостон – ЛА Лејкерс 139-107, Минесота – Денвер 100-107, Феникс – Сан Антонио 118-120, Јута – Индијана 118-88, Портланд – Голден Стејт 129-124 (по прод.), Мајами – Сакраменто 118-113 (по прод.), Вашингтон – Детроит 106-100, Атланта – Торонто 117-122, Бруклин – Филаделфија 111-117, Шарлот – Орландо 83-106, Кливленд – Њујорк 86-106, Хјустон – Оклахома 107-112, Милвоки – Чикаго 111-98, Мемфис – Њу Орлеанс 116-126.

Се вчитува...