Италија ја прегази Ангола за втора победа на Мундобаскетот во Кина

Кошаркарската репрезентација на Италија стигна до убедлив триумф и на вториот меч на Светското првенство во Кина. Овојпат Италијанците беа подобри од Ангола со 92-61.

Избраниците на Сакети уште од самиот старт ја покажаа разликата во квалитет, добивајќи ја првата четвртина со плус четиринаесет (25-11). Одличната игра продолжи и во втората четвртина, а на полувреме „нероаѕурите“ заминаа со убедлива предност од 44-21. Во второто полувреме селекторот на Италија им даде шанса на сите кошаркари, а разликата на семафорот само се зголемуваше за конечна победа од 92-61.

Најефикасен во италијанскиот тим беше искусниот Марко Белинели со уфрлени 17 поени, а Хекет, Брукс и Абас уфрлија по 11. Кај Ангола се истакна Јаник Мореира со 15 поени.

Во последното коло во групата Д, Италија ќе се сретне со репрезентацијата на Србија од која двапати загубија во подготвителниот период.

Се вчитува...