Италија направи 17-0, но сепак загуби од Србија

Репрезентацијата на Србија забележа нова победа во подготовките за СП 2019, откако на турнирот во Шенжен, Кина, славеше над Италија со резултат 71-65. Србите претходно преубедливо ги декласираа „аѕурите“ со 96-64 на „Акрополис купот “ во Атина, но Италија за денешниот дуел беше посилна за Галинари, Датоме и Хекет, што се одрази и врз случувањата на теренот.

Избраниците на Александар Ѓорѓевиќ доминираа во поголемиот дел од натпреварот, откако се одлепија пред крајот на првата четвртина и поведоа со 27-15. Водството лесно го контролираа повеќе од дваесет минути, а потоа откако поведоа со 64-48 српските кошаркари неочекувано застанаа. Италијанците влегоа во фантастичен ритам и за пет минути направија серија од 17-0, поведувајќи со 64-65 на помалку од две минути пред крајот.

Милутинов постигна четири поени кога беше најважно за неговата селекција, пред Јовиќ со својата втора тројка да стави печат на победата. Богдановиќ беше најдобар стрелец со 15 поени, Јовиќ реализираше 11, а Бјелица 10 поени за српскиот состав.

Се вчитува...