Стрелецот на сигурно еден од најзначајните голови во историјата на Ф4 од Лигата на шампионите, и несомнено, најважниот гол во славната историја на Вардар, Иван Чупиќ повторно се врати во црвено-црниот тим во 2025 година и сега ги предводи двократните европски шампиони како главен тренер во претстојната сезона на ЕХФ Лигата на шампионите.
Откако се врати во Скопје, Чупиќ веднаш ја постави летвата високо, кулминирајќи со тоа што „црвено-црните“ ја освоија титулата во македонската Суперлига, за првпат од 2022 година, и со тоа се вратија во елитното клупско натпреварување по четири сезони отсуство.
„Милион пати сум зборувал за Вардар, Скопје, Македонија, Комити и луѓето кои го сакаат клубот. Се чувствував како дома од првиот ден. Ги сметам Вардар, Скопје и Македонија за мој втор дом“, почнува Чупиќ во опширното интервју за ЕХФ.

Хрватскиот легендарен играч се потенцира како еден од најголемите адути на Вардар за успеси во иднина.
„Вардар има култура и традиција што е неверојатна и што веројатно многу добро одговара на мојот спортски карактер. Така беше кога бев играч, а сега, како тренер, заедно со мојот стручен штаб, се обидувам да им ја објаснам и доловам таа култура на сите играчи. Се обидувам да ги натерам да веруваат во неа, да научат да живеат со неа, да се спојат и синхронизираат со таа култура“ – вели Чупиќ и дополнува:
„Секогаш велам дека нема многу играчи од светска класа кои имале привилегија и шанса да играат за Вардар. Не секој може да игра за Вардар и не секој може да биде тренер на Вардар. Ние го чувствуваме тоа и сме свесни за тоа. Се обидувам да им го објаснам и им го кажувам на сите играчи. Некои од новите играчи го гледаа Вардар на телевизија и сè уште не се свесни што значи тоа. Но, кога ќе дојдат во преполната арена „Јане Сандански“, ќе разберат колку љубов и колку традиција има овој клуб. Не станува збор само за една љубов, туку за еден живот. Потребно е време за да се разбере тоа, но кога ќе го разберете, тогаш сè што ќе кажете за Вардар ќе биде поврзано со тоа“.
Возбудата во Скопско брзо расте пред новата сезона во Лигата на шампионите на ЕХФ, а особено откако клубот се доближи на само неколку гола од обезбедување место во финалето на Лигата на Европа минатата сезона, но предноста на Монпелје во првиот натпревар се покажа како клучна на крајот.
„Тоа е минато. Имавме одлична сезона во Европската лига на ЕХФ и бевме многу, многу блиску до квалификациите за Ф4. Монпелје беше малку подобар и заслужено продолжи. Секако добивме многу и научивме многу од тие натпревари. Секако, има возбуда за новата сезона во Лигата на шампионите. Создадовме млад и амбициозен тим. Речиси никој од нашите играчи нема искуство да игра во Лигата на шампионите со своите претходни клубови. За сите мои играчи, тоа ќе биде одлично искуство. Секако, јас, како нивен тренер, и сите играчи, со нетрпение го очекуваме почетокот на Лигата на шампионите“, открива Чупиќ.

Скопје со нетрпение го очекува првиот домашен натпревар на Вардар во Лигата на шампионите на ЕХФ од 2022 година, а Нант доаѓа во арената „Јане Сандански“ на 16 септември.
„Едвај чекаме на првиот домашен натпревар. За тоа живееме и работиме. Сигурен сум дека „Комити“, како и сите луѓе во Скопје кои го сакаат и поддржуваат Вардар, со нетрпение го очекуваат тој натпревар по четири години. Според мое скромно мислење, арената „Јане Сандански“ ќе биде мала за сите луѓе кои го сакаат Вардар и кои ќе сакаат да дојдат и да го гледаат првиот домашен натпревар против Нант.“
Враќањето во елитното клупско натпреварување не е лесен предизвик, но енергијата и атмосферата создадени од преполната арена можеби се токму поттикот што му е потребен на Варда“ за да се покаже во најдобро светло.
„Скопје е многу, многу жежок терен. Имам искуство од периодот кога не играв за Вардар и дојдов во Скопје со други клубови, потоа кога играв за Вардар, како и од минатата година, кога бев тренер на Вардар. Навистина можам да кажам дека тоа е најжешкиот терен во Европа и дека е многу тешко да се игра тука. Но, ние, како тим, мора да го оправдаме тоа. Мора да имаме поврзаност со арената „Јане Сандански“ и да ја почувствуваме таа енергија. Со нашата игра, нашето однесување и нашиот став кон дресот, заедно со нашите навивачи, мора да создадеме убава атмосфера. Навистина сакам да имаме играч плус на сите домашни натпревари во Лигата на шампионите.“
Конкуренцијата е несомнено голема и во националната лига и на европската сцена, а Чупиќ избира да се фокусира на развојот на тимот.
„Но, сакам да зборувам само за Вардар, мојот тим и мојот клуб. Не сакам да навлегувам во тоа и да објаснувам колку се добри Алкалоид, Пелистер или Охрид. Мора да бидеме фокусирани на себе и да знаеме дека ништо нема да дојде само од себе и оваа сезона. Мора да бидеме најдобри на секој тренинг за да ги дојдеме до трофеите и сезонава. Дресот на Вардар е тежок, и не е за секого!“ – вели Чупиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
