Ивановски, Таневски и Глигоров во четврток ќе прозиваат во Вардар

Прославеното име на клубот, Филип Ивановски како нов тренер на „црвено-црните“ во четврток (14. јануари) ќе го има првиот собир на Вардар на стартот од подготовките за пролетниот дел од сезоната.

Иако Вардар го очекуваат денови неизвесност околу иднината пред себе, Ивановски, кој досега ги водеше младинските тимови на клубот, заедно со уште две легенди на клубот, Никола Глигоров и Златко Таневски, во четврток ќе го имаат првиот собир со тимот.

На првата прозивка се очекува да се најдат главно младинци на Вардар заедно со дел од првотимците од есенскиот дел, Илиќ, Петковски, Мирчевски, Блажевски, Најденов, Велковски, Крстевски, Реџепи, Величковиќ…

Како што е познато, по крајот на есенскиот дел, од Вардар си заминаа тренерот Александар Васоски кој со себе во редовите на Академија Пандев ги поведе и Хрватот Мартинага, Милован Петровиќ и големиот талент Андреј Стојчевски. Дарко Мицевски е пред промоција во дресот на Борац Бања Лука, Матеј Цветановски продолжува во Шкупи, а пред продолжување на кариерата во странство е и Јован Попзлатанов.

Паралелно со подготовките погледите на „вардарци“ ќе бидат насочени и кон средувањето на организациската состојба во клубот за што веќе има активирано група поренашни функционери на клубот. Не се тајна ниту разговорите за влез на катарски инвеститори во клубот. Комплетната разврска околу иднината на клубот се очекува до крајот на месецот, но се ќе зависи и од договорот со Сергеј Самсоненко кој треба да ги подмири долговите на клубот како Град Скопје со чиста сметка би го презел, согласно договорот од 2014 година.

Се вчитува...