Ивица Краљ: Охрид е рај, со малку повеќе вложување може да биде голем подготвителен центар

Претседателот на српскиот суперлигаш Мачва од Шабац, Ивица Краљ не ја крие воодушевеноста од приемот и условите кои ги има неговата екипа за време на подготовките во Охрид.

Мачва веќе десет дена своите централни подготовки ги реализира на охридското крајбрежје одигрувајќи и неколку пријателски натпревари. Легендата на српскиот и црногорскиот фудбал, поранешниот голман на Партизан, Порто, ПСВ…, сега во функција на прв човек на Мачва потенцира дека Охрид има извонредни предиспозиции да стане главен подготвителен центар на овие простори.

„Може слободно да кажам дека Охрид е рај. Јас сум вторпат тука. Кога им соопштив на фудбалерите дека подготовките ќе ги реализираме во Охрид малку со скепса сето тоа го дочекаа затоа што никогаш не биле тука. Никој не ми веруваше и не можеше да претпоставува за што зборувам. Сега кога сето тоа го видоа се воодушевени, и навистина сами се уверија во убавините и условите кои ги овозможува овој туристички центар“ – вели Краљ, кој сепак нагласува дека државата секако со мали вложувања може да го направи привлечен и за далеку поголем број странски екипи.

„Охрид ги има сите предуслови. Жално е што не се вложува малку повеќе во инфраструктурата, да се зголеми бројот на терени за работа, да се докомплетира инфраструктурата и сигурен сум дека бројни врвни екипи од Источна и Југоисточна Европа би доаѓале тука на подготовки. Со тоа сигурно многу би добил и градот и Македонија“.

Се вчитува...