Израелците против Македонија сакаат да ги „лечат раните“ од дуелот со Албанија

ЕКИПА во Хаифа, Израел

Владимир Булатовиќ

Во исклучително незгоден момент за себе, репрезентацијата на Израел и селекторот Елиша Леви го очекуваат квалификацискиот натпревар против Македонија во сабота во Хаифа.

Како што не информираат и израелските колеги веднаш по нашето пристигнување во Израел, Леви пред дуелот со Македонија чувствува огромен притисок. Претходните два порази во квалификациите, посебно оној од Албанија од 0-3 пред домашните навивачи во Хаифа, повеќе од болно одекнаа во израелската фудбалска јавност. Токму затоа сега е императивот неизбежно да се дојде до трите бода против Македонија.

„Ќе мора многу повеќе да се потрудиме, од оној меч против Албанија, ако сакаме до победа против Македонија. Направивме тогаш многу грешки кои верувам сега ќе ги корегираме. Ќе се потрудиме да го поправиме впечатокот, иако не чека уште еден тежок натпревар. Македонија во овие квалификации досега заслужи многу повеќе бодови од оние што ги има, затоа не треба никакво потценување. Во тимот сега имаме многу млади фудбалери како Соломон или Калитинс… И тие не се само за украс во репрезентацијата, штом се повикани сигурно планирам да играат“ – вели Леви во изјава за израелските медиуми.

Израел од досегашните шест дуели во квалификациите има три победи и исто толку порази.

„Нашата цел е третото место во групата. А, за да стигнеме до тоа мора да освоиме в сабота нови три бода“ – дополнува Леви.

Се вчитува...