Ја имавме Србија в џеб…Историско реми за нас на ЕП!

ЕКИПА во Бидгошч,Никола Ѓуровски, Владимир Булатовиќ, Игор Паневски

Младата фудбалска репрезентација на Македонија ремизираше против Србија  (2-2) на вториот меч од групната фаза на Европското првенство во Полска. Бевме на чекор до победа, имавме водство од 2-1 се до 90.минута, но потоа Урош Ѓурѓевиќ постигна погодок за реми. Мијат Гачиновиќ го отвори резултатот во 24.минута, израмни Барди од пенал во 63.минута, а Ѓорѓев доневе водство за нас во 83.минута. Можеме да жалиме за триумфот, но и ова е историски резултат, прво реми за Македонија на Европското првенство.

Веќе во втората минута, Немања Максимовиќ беше во шанса, но од петерецот шутираше над голот. Енис Барди се обиде да возврати во осмата минута, шутираше од 20 метри, но српските дефанзивци го блокираа во последен момент. Во 11.минута, Марко Грујиќ се најде во шанса, но со глава шутираше над голот.

На средината од првиот дел, Србија стигна до водство. Плавшиќ ја повлече акцијата, Грујиќ се обиде да изнуди пенал, судијата не наседна, но застанаа и нашите дефанзивци, топката дојде до Мијат Гачиновиќ, кој од десетина метри го совлада Игор Алексовски. Србија поведе во 24.минута.

Makedonija - srbija 4

Марко Грујиќ во 37.минута можеше да зголеми на 2-0, излезе сам пред голманот Алексовски, но тој се истакна со фантастична интервенција.

Македонија конечно се закани во 43.минута. Енис Барди одлично изведе слободен удар од 25 метро, шутираше директно кон голот на Србија, но Милинковиќ-Савиќ одбрани и исфрли во корнер.

На стартот од второто полувреме, Македонија повторно се закани од слободен удар. Енис Барди шутираше од 20 метри, под гредата, но голманот Вања Милинковиќ – Савиќ одбрани и исфрли во корнер.

Возрати Србија со одлична можност. Андрија Живковиќ го проигра Мијат Гачиновиќ во празно, но Алексовски истрча, влезе во шут и спаси втор погодок за северниот сосед.

Македонија покажа многу повеќе желба за израмнување, а селекторот Благоја Милевски повлече потег со уфрлување на свежи фудбалери од клупата, Никола Ѓорѓев и Ељиф Елмас. Токму Елмас беше главен креатор на акцијата по која беше досуден пенал за Македонија. Продре по левата страна, нафрли, топката удри во раката на Андрија Живковиќ и судијата Боби Маден покажа на белата точка. Енис Барди беше успешен реализатор во 64.минута.

makedonija - srbija 11

Србија тргна по втор гол, но Елмас му подготви шанса на Радески, кој шутираше слабо со левата нога и не го изненади противничкиот голман.

Тоа беше најава за вториот гол за Македонија. Во 83.минута, Радески ја имаше топката, но Ѓорѓев му ја зема од нога, сигурен во себе, се реши на удар од 20 метри, и постигна прекрасен гол. Четири минути подоцна и Бобан Николов упати проектил, но над голот.

Србите имаа одлична шанса преку Ожеговиќ, но Алексовски со извонредна интервенција го спаси голот. Но, во 90.минута, Урош Ѓурѓевиќ го израмни резултатот. Се најде на вториот дирек по центаршутот од десната страна и ја погоди мрежата. Веќе во следниот напад, Србија можеше да поведе, но Алексовски имаше голема среќа. Живковиќ шутираше со глава, и го погоди дирекот од голот на нашиот национален тим.

На крајот, реми во Бидгошч (2-2), можеме да жалиме за победата, но и да се радуваме поради првиот историски бод и двата гола што Македонија ги оствари на ЕП.

srbija makedonija3

СРБИЈА – МАКЕДОНИЈА 2-2 (1-0)

Стадион во Бидгошч. Гледачи: 6.000. Судија: Боби Маден (Шкотска). Стрелци: Гачиновиќ 24’, Ѓурѓевиќ 90’ (Србија), Барди 64’ пен., Ѓорѓев 83’ (Македонија). Ж. Картони: Грујиќ, Јовановиќ (Србија), Маркоски, Елмас (Македонија).

СРБИЈА: Милинковиќ-Савиќ, Гајиќ (46’ Филиповиќ), Антонов (78’ Ожеговиќ), Вељковиќ, Јовановиќ, Максимовиќ, Грујиќ (52’ Ристиќ), Плавшиќ, Живковиќ, Гачиновиќ, Ѓурѓевиќ.

МАКЕДОНИЈА: Алексовски, Мурати, Зајков, Велковски, Демири, Николов, Радески (86’ Пивковски), Аврамовски (46’ Ѓорѓев), Бабунски (57’ Елмас),Маркоски.

Се вчитува...