Повратникот во македонската репрезентација Адис Јаховиќ вели дека бил пресреќен кога новиот македонски селектор Боби Милевски повторно го повикал во репрезентативните редови.
Јаховиќ, поради несогласување со поранешниот селектор Игор Ангеловски, беше надвор од националниот тим изминативе четири години. Со именувањето на Благоја Милевски на селекторската функција, повторно е во националниот тим сега ветувајќи дека е подготвен да го даде максимумот за националниот тим.
„Имав пред два месеци средба со селекторот и може да кажам дека чувството е навистина убаво што повторно сум во репрезентацијата. Како што му кажав и на селекторот при таа наша средба јас секогаш сум сакал да настапувам за мојата татковина. Но, ете такви биле ситуациите и јас не сакам сега да се враќам во минатото. Што било поминало“ – вели Јаховиќ и дополнува:
„Новиот повик од селекторот Милевски навистина ме израдува. Чувството е прекрасно, среќен сум што сум дел од репрезентацијата повторно. Мило ми е што сум дел сега од најдобрата генерација во историјата, со прекрасни личности и одлични фудбалери. Момците ме знаат и јас добро ги познавам. Може да кажам дека чувството и мотивацијата за настап во националниот дрес се исти како и порано, сега само што сум малку поискусен. Може да ветам дека ќе дадам се од себе за добри идни резултати на репрезентацијата. Поседуваме квалитет и на следните три натпревари тоа треба да го покажеме на терен. Низ следните септемвриски квалификациски дуели со Ерменија, Исланд и Романија треба да покажеме дека сме сериозни кандидати за пласман на Светско првенство“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА