Јаневски и Османи сложни: Ништо не е завршено…

Вардар и Шкендија ремизираа 1-1 во првиот четвртфинален натпревар од Купот на Македонија, и си оставија задача на 7.март, на реваншот во Тетово, да го зададат решавачкиот удар на ривалот, за пласман меѓу четирите најдобри екипи во најмасовното натпреварување.

Шкендија успеа да постигне гол, но и не реализира неколку шанси, па тренерот Ќатип Османи вели дека на крајот Вардар ги казнил за промашувањата.

„Постигнавме гол и го остваривме тоа што го посакувавме пред мечот. Но, имавме уште неколку изгледни шанси да постигнеме и втор погодок и практично да решиме многу работи уште на овој натпревар во Скопје. Откако не успеавме, Вардар преку одличиот слободен удар на Фелипе ги казни нашите промашувања. Ништо не е завршено, не очекува уште еден тежок натпревар во Тетово“, изјави Ќатип Османи.

Тренерот на Вардар, Чедомир Јаневски, исто така потенцира дека се е отворено пред реваншот.

„Примивме гол по наша грешка, а потоа се обидувавме да возвратиме. Го засиливме притисокот, и успеавме да израмниме. Има уште 90 минути за играње во Тетово. На овој прв меч и двете екипи играа малку повнимателно, на реваншот веќе ќе нема тактизирање. Ние ќе одиме во Тетово да постигнеме гол и да го елиминираме противникот“, изјави Чедомир Јаневски.

Се вчитува...