Јанков го одбрани Работнички во Велес (ФОТО)

Борец и Работнички ремизираа без голови во Велес, во воведниот натпревар од седмото коло во Првата фудбалска лига. Велешани имаа подобри можности за да стигнат до победички гол, но ги спречи голманот на „романтичарите“, Ристо Јанков, кој бранеше одлично.

Муарем Муарем во третата минута упати удар од далечина, но Мустафа не дозволи да биде изненаден. Возврати Радовиќ во 12.минута, кога зафати волеј-удат од десетина метри, но Јанков успеа да одбрани.

Во 39.минута, Петар Петковски се обиде со шут откосо од десната страна, но не беше прецизен. Во 44.минута Марио Станковски шутираше кон голот на Јанков, но за малку непрецизно.

Во 60.минута, Марио Станковски убаво го проигра Никола Радовиќ кој излезе сам пред голманот на Работнички, шутираше, но Ристо Јанков фантастично одбрани со нога.

Работнички не успеа да создаде стопроцентна шанса во вториот дел, но успеа да остане непоразен и да освои бод во Велес. Борец има 12 бода, а Работнички 10, по седум кола во новата сезона од Првата лига.

Се вчитува...