Јокиќ е „машина“ за трипл-дабл, Далас немоќен без Дончиќ

Никола Јокиќ продолжи со одличните изданија од стартот на сезонава, предводејќи го Денвер до убедлива победа од 109-124 на гостувањето против Минесота. Тој го заврши мечот со 19 поени, 12 скокови и 12 асистенции, притоа трошејќи и малку топки (8/12 шут од поле). За српскиот ас ова беше четврти трипл-дабл на шесте почетни средби од сезоната, а на преостанатите два натпревара на Јокиќ му недостигаше само по еден скок за трипл-дабл.

Далас загуби на гостувањето во Чикаго со 118-108, дуел на кој поради повреда не настапи Лука Дончиќ. Во отсуство на Словенецот лидерската улога ја презеде Брансон со 31 поен, но Далас во одбраната не најде начин да го запре Левајн, кој со 38 постигнати поени беше предводник на Чикаго во големиот триумф.

Шампионот ЛА Лејкерс благодарение на одличната последна четвртина (19-31) стигна до убедлива победа од 94-108 на гостувањето против Мемфис. Леброн Џејмс беше во главна улога при овој триумф на „езерџиите“, постигнувајќи 22 поени, 13 скокови и 8 асистенции.

Бруклин го претрпе и четвртиот пораз во последните пет меча, губејќи на свој терен од Вашингтон со 122-123. Томас Брајант ги постигна поените за победа на 14 секунди до крајот. Ирвинг и Дурант имаа обиди да донесат триумф на Бруклин, но нивните шутеви завршија непрецизно.

 

Резултати НБА:

Детроит – Бостон 120-122, Бруклин – Вашингтон 122-123, Мемфис – ЛА Лејкерс 94-108, Минесота – Денвер 109-124, Сан Антонио – Јута 109-130, Чикаго – Далас 118-108, Феникс – ЛА Клиперс 107-112, Голден Стејт – Портланд 137-122.

Се вчитува...