Јончевски: Имавме лош шутерски ден, ова не е реална слика на односот на силите

Гостивар одигра под очекувањата во четвртфиналниот натпревар против Еуро Никел во Купот на Македонија и забележа пораз од 84-75. Избраниците на Јончевски денеска беа целосно надиграни на паркетот, на крајот на третата четвртина имаа негатива од 30 поени, а поразот успеаја да го ублажат благодарение на последната четвртина која ја добија со 31-10.

По натпреварот тренерот на гостиварци не ги криеше незадоволството од прикажаното, поготово од промашените отворни обиди кон противничкиот кош. Гостивар на овој натпревар имаше скромна реализација од 7/27 за три поени.

„Нашата екипа обично се храни со лесни поени во нападот, така се полни со енергија, па потоа надополнуваме во одбраната. Вечерва воопшто не ни одеше шутот од далечина, пред крајот на третата четвртина имавме неверојатно лош ефект за тројка од 1/19, а забелешката е дека сите удари беа отворени затоа што претходно организиравме добри акции. На овој натпревар имавме и скратена ротација, ни се повреди капитенот Димитривески, Вокер не е во вистинската форма и ја обнови повредата и не можевме да притиснеме во клучните моменти. Мора да бидеме искрени дека конечниот резултат не е реална слика на односот на силите, имаа контрола во текот на целиот меч и заслужено победија“, изјави Јончевски.

Се вчитува...