Јончевски: Кожув ќе игра убава кошарка, атакуваме на Топ 6

Стратегот на Кожув, Александар Јончевски, е задоволен од составениот ростер за наредната натпреварувачка сезона. Во ситуација кога голем дел од прволигашите се засилија битката за влез во Топ 6 и учество во Супер-лигата ќе биде уште пожестока, но Јончевски е оптимист дека неговиот тим ќе успее да ја реализира зацртаната цел.

Задоволен сум од ростерот што го составивме, задржавме клучни играчи како Караџовски и Пајиќ, потпишавме квалитетно засилување во Симоновски, а доведовме и нови имиња од САД. Верувам дека повторно ќе играме убава кошарка и ќе им донесеме радост на нашите верни навивачи. Засега се подготвуваме за старт на сезоната на 3 октомври и очекуваме официјална потврда на оваа најава. Целта е пласман во Супер-лигата, задачата ќе биде уште потешка од лани, но јас верувам во Кожув, во проектот што го реализираме“, истакнува Јончевски.

Клуч сепак ќе биде да се „погодат“ странските кошаркари, чиј ангажман сам по себе носи ризик.

„Моја навика е да носам Американци на кои тоа им е прва сезона во Европа. Можам да кажам дека во претходните години направив добар избор, верувам дека трендот ќе продолжи и во сезоната што следи. Можеби американските засилувања овојпат доаѓаат од нешто послаби универзитети од вообичаено, но јас сум убеден во нивните кошаркарски способности. Се уште сме во прва фаза од подготовките, допрва ќе следи периодот на воигрување, но очекувам да составиме силен колектив во кој секој ќе си го најде местото и сите заедно ќе дадеме придонес за остварување на зацртаните цели“, вели стратегот на Кожув.

Се вчитува...