Јован Манев со трансфер вреден 500.000 евра во турска Адана!

Еден од најдобрите фудбалери на Брегалница, младинскиот репрезентативец Јован Манев е пред реализација на извонреден трансфер во редовите на турскиот суперлигаш Адана Демирспор!

По извонредните игри во дресот на Брегалница и младата селекција на Македонија, 21-годишниот Манев наредниве денови го очекува официјализација на првиот свој интернационален трансфер, и тоа во редовите на тимот каде што настапува и легендарниот италијански репрезентативец Марио Балотели.

„Може да потврдиме дека Манев ги договори личните услови со Адана, а остануваат уште некои детали кои треба да се решат меѓу двата клуба за да наредниве денови следи и официјализацијата на трансферот за кој Брегалница секако би добила навистина сериозен финансиски надомест“ – ни изјави спортскиот директор на Брегалница, Никола Тонев.

Според информациите на ЕКИПА, штипскиот прволигаш за трансферот на Јован Манев во Адана би добил отштета од околу половина милион евра, што би го класифицирало како еден од најголемите интернационални трансфери во историјата на македонската Прва лига.

Брегалница, и со овој трансфер, откако ова лето го продаде и Мартин Стојанов веќе се издвојува како препознатлив клуб и на европската фудбалска карта, вистински расадник за млади фудбалери кои својот пат го лансираат кон елитната интернационална сцена, а се во интерес и на македонскиот фудбал. Не е никаква тајна дека во редовите на Брегалница веќе се издвојуваат уште неколку млади фудбалери меѓу кои и младинскиот репрезентативен голман, Давид Денковски, но и Кудев, за кои има нескриен меѓународен интерес.

Се вчитува...