Јованоска: Пишувам историја за мојата држава, за знамето… сите макотрпни години вредеа!

Македонската каратистка Пулексенија Јованоска ќе биде дел од Летните олимписки игри, потврди Македонскиот олимписки комитет. Таа на ЛОИ ќе настапи во дисциплина на кати, натпреварување кое ќе биде за првпат дел од најголемата спортска смотра.

За потсетување, Јованоска е најдобрата македонска каташка во историјата и девојка која во 2019 година беше избрана и за најдобра спортистка на Македонија. За ЕКИПА таа вели дека е пресреќна за огромниот успех и дека вредело целото залагање во текот на сите овие тешки години.

„Каратето доби шанса да настапи на Олимпијада како спорт. За сите каратисти тоа беше предизвик, четири години каде што никој не се умори и на никој не му беше доста. Сите гризивеме на тренинзи, безброј натпревари. Стануваше се потешко и потешко, се понереално. Се понедостапно за мене како каратистка и за мојата земја. Сега стојам исправена пред мојот сон. Сон во кој малку луѓе веруваа, многу малку. Но, се случи кога најмалку очекував и ја добив добербата од ОКСМ и ИОК. Премногу сум горда што таму ќе ги претставувам боите на нашата земја. И секако, носам огромна одговорност. Едиствена спортистка која ќе го претставува македонското карате на Олимписките игри. Можам да ветам дека продолжувам со уште поголема посветеност, ќе дадам максимум што можам и на најдобар начин да ја претставам нашата земја“, вели Јованоска.

„Од срце би им се заблагодарила на ОКСМ за добербата и за тоа што веруваше во мене и ми ја даде поддршката кога ми беше најпотребна. Тука е АМС која покажува како се чуваат и поддржуваат репрезентативците. И секако мојата Карате федерација која што изминативе години е најтрофејна, покажа дека знае како да ги задржи сениорите и да направи безброј резултати. Заслужува да има претставник, се надевам дека го направив горд целиот тим на КФМ што имаат претставник. Јас и мојот тим продолжуваме, мојот селектор и тренер Стојан Андриевски, кондициониот тренер Златко Јанакиевски. И секако да им се заблагодарам за поддршката на моите најблиски и сите колеги од спортот што ми дадоја поддршка. Фала ви за се, се надевам дека ќе ве израдувам и ќе научиме дека не е невозможно. Само треба да работиме напорно и посветено“

„Дали некој спортист може да каже дека ова не е негов сон? Живеам во ера кога пишувам историја за мојата држава, за знамето, јас самата со мојот труд, секој тренинг, сите овие години, секое падни-стани, секој пораз, многу солзи, многу разочарување. Се вредеше“, додава каратистката.

Се вчитува...