Јовиќ реален: Вардар заслужено победи, бевме надиграни во овој натпревар

Тренерот на Еурофарм Пелистер, Александар Јовиќ, спортски му го честиташе на Вардар освоениот куп-трофеј, признавајќи дека неговиот тим беше целосно надигран во долги периоди од денешното финале на теренот од „Билјанини извори“ во Охрид.

Воедно, Јовиќ потсети дека приоритет за битолчани до крајот на сезонава останува освојувањето на шампионската титула, за што на битолчани им се потребни победи во последните две кола од плејофот, на гостувањето во Охрид и на домашен терен против Тиквеш.

„Вардар заслужено победи во ова финале и стигна до трофејот, можам само да им честитам. Водеа од првата па се до последната минута, ние бркавме негатива цел натпревар и не бевме на нивото на кое што требаше да играме. Игравме лошо во фазата на одбрана, немавме агресивност, додека Вардар во нивната одбрана беше доста агресивен и заслужено не надиграа во овој меч. Имаме уште два меча до крај, мора да победиме на двата до крај ако сакаме да сме шампиони“, истакна Александар Јовиќ.

Се вчитува...