Јубилеј: Две години без пенал против Барса во Примера

Фудбалерите на Барселона беа бесни на судијата на вчерашниот дуел со Хетафе поради недосудениот пенал во нивна корист за стартот врз Лионел Меси. Сепак, шпанската јавност потсети на еден интересен факт, дека в среда каталонскиот гигант треба да слави јубилеј, две години откако беше досуден пенал против Барселона на натпреварите од Примера дивизион.

Тоа последен пат се случи на 14 февруари 2016 година, на дуелот меѓу Барселона и Селта што домаќините го добија со 6-1, така што судиската одлука немаше никакво влијание врз исходот на мечот. Во меѓувреме се одиграни 76 кола во елитното шпанско фудбалско друштво, ривалите многу често барале да биде покажан пенал, но судиите ниту еднаш не се решиле на таков чекор.

Воедно, пресметано е дека од тој пенал на Селта пред две години, шпанските арбитри досудиле вкупно 224 удари од белата точка, од кои најмногу против Селта и Валенсија (по 18). Против Реал Мадрид во овој период се досудени осум пенали, против Атлетико Мадрид седум, но „нулата“ на Барса во оваа категорија дефинитивно е симптоматична.

Се вчитува...