Југослав Тренчовски – Македонецот кој остава длабока трага во Словенија: „Домашните се под притисок на медиумите дека мора да победат, тоа е наша шанса!“

ЕКИПА ВО ЉУБЉАНА, 

Никола Станикевски 

Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва против Словенија ќе го одигра вториот натпревар од Б-дивизијата во новото издание во Лигата на нации. По воведниот пораз од Швајцарија, мислите сега се насочени кон Словенците кои во првото коло ремизираа против Шкотска.

Македонија може да се пофали со човек кој веќе две години работи на исклучително високо ниво во словенечкиот фудбал, во името на Југослав Тренчовски. Струмичанецот кој минатата сезона беше хит во шампионатот на Словенија со неговиот Радомље, годинава има тешка задача да ja врати на шампионските патеки , Олимпија Љубљана.

Овој пат, на средба во Љубљана со Тренчовски, во очекување на дуелот меѓу Македонија и Словенија, очекувано во разговор за тоа на може да се надеваме вечерва во Љубљана.

„Сметам дека доколку одиграме на ниво во средината на теренот имаме шанса да го добиеме денешниот натпревар. Мора да обратиме посебно внимание на четворица словенечки фудбалери. Левото крило Штурм e можеби и најдобриот фудбалер во репрезентацијата на Словенија. Беше одличен во словенечкиот шампионат претходните години, а сега е дел од Славија Прага. Неверојатно пробивен играч кој има техника и секогаш е опасен кон противничкиот гол. Moра да внимаваме на напаѓачите Жан Випотник и Андраж Шпорар. Првиот веќе три години игра на високо ниво во Свонси, додека вториот по неговото доаѓање во Слован Братислава постигна 16 гола, на 17 натпревари. Жан Карничник е последниот фудбалер на кој треба да внимаваме повеќе. Искусниот десен бек e главниот мотор на Марибор кој одлично ја стартуваше сезоната во домашниот шампионат и е единствен без пораз по 10 натпревари. Сепак, мислам дека доколку успеаме да ја контролираме играта во средниот ред имаме шанса да стигнеме до позитивен резултат на ‘Стожице’“, вели Тренчовски. 

А, како во Словенија се гледа на пресметката со Македонија? Јасно е дека домашните посакуваат победа, но дали на македонската репрезентација се гледа потценувачки во медиумите или со респект?

„Факт е дека во Словенија на денешниот натпревар гледаат со претпазливост, верувајте ми, се обидуваат ментално да покажат стабилност и да се воздигнат, медиумите изјавуваат дека сега или никогаш е можност за победа – Македониа мора да се победи. Но, тоа е медиумски притисок врз Словенија и нејзините играчи, ние тоа треба да го искористиме и да го извлечеме во наша корист. Што се однесува до стручните фудбалски кругови сите зборуваат со респект за нашата репрезентација и реално изнесуваат дека сега кога навистина мора да победи Словенија ќе биде можеби и најтешката пречка во лицето на фанатично борбената Македонија“.

За Македонија дуелот доаѓа во навистина непријатен момент кога сме во низа од пет меча без победа и без постигнат гол и по едно лошо издание со Швајцарија… Може ли Словенија да биде противник кој може да ни послужи за крај на негативната серија?

„Искрено, не очекува тежок, неизвесен натпревар. Словенија е квалитетна репрезентација , физички доминантна, се обидуваат да играат модерен фудбал, со модерни принципи, посед, структура во билд-уп, висок притисок. Нешто што е малку поразлично од претходниот стил на игра со Матјаж Кек кој беше повеќе прагматичен. Единствено во оваа нова Словенија што може да биде загрижувачки за нив се преголемите осцилации на натпреварите, неконзистентноста, иако навистина имаат физички и ментален квалитет да ги решаваат проблемите кои им се јавуваат како предизвици. Ние нормално дека имаме квалитет, се надевам дека за овој натпревар ќе излеземе со вистинските 11, со правилна тактичка поставеност во формацијата и структурата. Креативноста е на наша страна, единствено ментално да се издигнеме после последните неуспешни изданија. Секако имаме голем потенцијал и квалитет да се радуваме на успех вечерва“.

МИ ГОДИ ТОА ШТО СО РЕСПЕКТ ГЛЕДААТ НА МОЈАТА РАБОТА ВО СЛОВЕНИЈА

Кои се разликите меѓу словенечкиот и македонскиот фудбал? Во клупскиот фудбал се чини се ниво повисоко, што сигурно не е и кога е во прашање репрезентативниот фудбал?

„Така е, словенечката прва лига е развојна лига, организацијата е на завидно ниво, условите за работа скоро перфектни, едноставно овде сите кои работат во фудбалот, и спортот воопшто, се фокусирани 100% на својата работа и се да кажам професионално ориентирани за надградба, усоврсшување, успех и позитивен резултат. Кога работиш на тоа поле секојдневно нормално е да очекуваш и подобри резултати, едноставно нацијата е професионално посветена на успех без разлика дали е тоа колетивен или индивудуален спорт. Во однос на квалитативните разлики во фудбалот би одговорил: професионализам, услови, динамика на игра, тактичка флуидност, играчка поливалентност, физички предиспозиции… Тоа е разликата помеѓу словенечкиот и македонскиот фудбал“.

фото: nkolimpija.si

 

Оставаш силна трага во Словенија по успесите со Радомље а сега преземајќи го и најголемиот бренд Олимпија Љубљана на словенечкиот фудбал… Мислиш дека сега и во Словенија, по твојата стручна работа, гледаат малку поинаку на стручниот фудбалски кадар со кој располага Македонија?

„Секако ми годи тоа што сум добро прифатен во словенечкиот фудбал, што луѓето зборуваат со респект, но најважно од се е кога ќе ја почувствуваш топлината на опкружувањето, на луѓето, за кои порано сме имале погресно изградени стереотипи дека се ладни, негостољубиви… Верувајте ми, овде е сосема спритивно и сум многу позитивно изненаден. Што се однесува за струката и взаемното почитување, знаете како кога се оди со постојаност, со мали чекори, посветеност, труд, надградба, знаење, секогаш има простор за пат кон врвот, кога се почнува од самото дно. Овде покажуваат респект за секој човек кој се занимава со спорт, ја респектираат и нашата фудбалската струка, зборуваат во суперлативи за наши познати фудбалери кои настапувале во Словенија, Џорлев, Агим Ибраими, Благоја Милевски, Милко Ѓуровски, Драган Чадиковски, сега во понови време за Станковски, Крстовски, Саитовски, Фета итн, нормално од тренерските имиња зборуваат во суперлативи за Андон Дончевски и за Никола Илиевски – Џии кој оставил одличен траг со работата во Цеље“ – вели Југослав Тренчовски.

Се вчитува...