Јунак на денот: Мики Стојановски ги победи петте километри на „Охрид трчаТ“ (ФОТО)

Секоја трка има свои победници. Годинешното издание на манифестацијата „Охрид трчаТ“ доби еден посебен јунак – Мики Стојановски ги победи петте километри и успешно мина низ целта. За 19-годишниот Мики кој боледува од церебрална парализа ова беше прво учество на ваква трка и едно прекрасно доживување.

Се сретнавме случајно на патеката во Охрид и заедно ги минавме последните километри. Прекрасната позитивната енергија на Мики и на неговата мајка Лидија дадоа посебен белег на целиот настан. Поддршката и аплаузите, повиците „браво“ беа посебна радост за Мики кој патем се поздравуваше и со своите скопски пријатели.

 

„Трчав на 5 км. стигнавме на целта и пресреќен сум што успеав. Ова ми е прва трка, не верував дека ќе стигнеме до целта, но со поддршката што ја имав, успеавме. Благодарам за поддршката на лицата со посебни потреби и со ретки болести. Пресреќен сум. Ќе дојдам во Охрид и следната година, сигурно“ – со среќна насмевка на лицето вели Мики Стојановски .

Да не беше неговата енергија и желбата да стигнеме до целта, сигурно и ние немаше да истераме до крај. Мајката на Мики, Лидија по пат ни раскажа како дошле на идеја да се пријават на „Охрид трчаТ“ и задоволно најави дека после оваа трка сигурно ќе учествуваат и на другите вакви манифестации.

Се пријавивме на „Охрид трчаТ“, но не бев сигурна дека ќе учествуваме, ниту пак дека ќе успееме да ја поминеме патеката од 5.км и да стигнеме до целата. Имавме поддршка низ целата патека. Благодарност до екипата од Екипа.мк, без нивна помош немаше да ја истрчаме трката, посебно во оној најтешкиот дел од патеката кај Горна Порта во стариот дел на градот. Ова беше навистина едно прекрасно искуство и посебно доживување за сите нас. Градот е прекрасен, прекрасна организација, многу позитивни луѓе и преубава поддршка од сите. Навистина прекрасно. Ова ни беше прво учество, но сигурно ќе се пријавиме на секој ваков настан со поддршка за лицата со посебни потреби“ – вели Лидија Стојановска.

Мики Стојановски го очекува нова операција и борба со болеста, но упорен е и решен да истрае исто како на денешната трка во Охрид. Ги победи петте километри во Охрид, ќе ја победи и другата трка. Со добра мисла и со многу позитивна енергија.

Се вчитува...