Македонската женска јуниорска репрезентација ја запиша првата победа на Европското првенство од Дивизијата „Б“, откако во натпреварот од групата за пласман убедливо ја совлада Норвешка со 67:41.
По несреќниот пораз од Азербејџан, македонските кошаркарки влегоа во мечот со голема мотивација и желба да покажат дека имаат квалитет и карактер за победнички настап. Тоа го потврдија уште од првите минути.
Македонија одигра фантастична прва четвртина, со одлична игра во одбраната и висока ефикасност во нападот. Нашите кошаркарки целосно ја надиграа Норвешка и по десет минути имаа убедливо водство од 26:6.
Избраничките на селекторот Виктор Петровски не дозволија пад во играта ниту во вториот период. Напротив, продолжија во ист ритам, дополнително ја зголемија предноста и на полувремето заминаа со неверојатни 40:11.
Иако победникот практично беше решен уште во првото полувреме, Македонија продолжи максимално ангажирано и во вториот дел. По третата четвртина предноста изнесуваше 61:28, а во последните десет минути македонските кошаркарки рутински го приведоа натпреварот до крај.
Особено радува фактот што сите 12 кошаркарки кои добија шанса за настап придонесоа за убедливиот триумф. Најефикасна во македонскиот состав беше Ива Колева, која беше единствената наша кошаркарка со двоцифрен број на поени. Таа средбата ја заврши со 16 поени, шест асистенции и четири скока.
Македонија утре ќе го одигра последниот натпревар на шампионатот во Тулчеа. Од 9:00 часот, нашите кошаркарки ќе се соочат со Естонија, во последниот натпревар од групата „Е“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
