Женската јуниорска репрезентација на Македонија загуби и на вториот контролен натпревар против соодветната селекција на Бугарија, одигран денеска во Ботевград. Домаќинот беше подобар и славеше со 77-56.
Ослабена поради неиграњето на неколку важни кошаркарки Ива Колева, Глорија Груевска, Ана-Марија Димитровски, а на овој натпревар и Вања Милосаљевиќ македонската репрезентација тешко успеа да му парира на противникот, кој уште во првата четвртина создаде значајна резултатска предност.
Бугарија по првите десет минути водеше со 27-11, а на полувремето ја зголеми разликата на 42-21. Во второто полувреме избраничките на селекторот Виктор Петровски прикажаа подобра игра. Натпреварот беше многу поизедначен, а во последната четвртина Македонија успеа да ја намали високата негатива и да остави подобар впечаток во завршницата.
Според официјалната статистика, Карајованова оствари „дабл-дабл“ учинок со 13 поени и 11 скока, Трајковска постигна 11 поени, а Пислевска натпреварот го заврши со 9 поени.
Двата контролни натпревари во Ботевград беа дел од подготовките на македонската репрезентација за настапот на Европското првенство од Дивизијата „Б“, кое од 31 јули до 9 август ќе се одржи во Тулчеа, Романија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
